Музеј, џамија, повеќенаменски центар и опера
Во услови кога вниманието на светската јавност е посветено на пандемијата на Ковид-19 годинава прогласувањето на овогодишните добитници на 61. по ред Награди Цивик Траст (Civic Trust Awards) одржано во просториите на Севернииот империјален музеј на војната (Imperial War Museum North) во Манчестер на 6.3.2020 помина веројатно не толку забележително како во претходните години. Оваа година биле поднесени 250 проекти од Обединетото Кралство, Република Ирска, САД, Австралија, Јужна Кореа, Џерси, Кина, Канада, Данска и Германија што укажува за широкиот географски опсег на наградата. Од овие 250 поднесени објекти 101 биле препратени од регионалите оценувачи на Националниот панел за жирирање.
Од овие, во зависност од изворот 49 или 58 биле наградени, а четири од нив се стекнале и со специјални награди, и тоа:
1.Виндермир музејот на пристанишниот мост (Windermere Jetty Museum) на Кармоди Гроарк (Carmody Groarke) добитник на Специјалната награда на националниот панел (National Panel Award),
2.Изворот на светлина (Beacon of Light) на Фокнер Браун Архитектс (Faulkner Browns Architects) добитник на Специјалната награда за придонес кон заедницата и вклученост (Special Award for Community Impact and Engagement),
3.Централната џамија во Кембриџ (Cambridge Central Mosque) на Маркс Барфилд Архитектс (Marks Barfield Architects) добитник на Специјалната награда за одржливост (Special Award for Sustainability)
4.Кралската оперска куќа „Опен уп“ (Royal Opera House ‘Open Up’) на Стантон Вилијамс (Stanton Williams) добитник на Специјалната награда Мајкл Миделтон (Michael Middleton Special Award) за исклучителен проект во доменот на градителското наследство (переку обнова на постоечки или пак преку нов објект во заштитена средина на градителско наследство.
Добитникот на Специјалната награда на националниот панел, Виндермир музејот на пристанишниот мост на Кармоди Гроарк, се наоѓа на брегот на најголемото природно езеро во Англија, Виндермир, лоцирано во рамките на Националниот парк „Езерска област“ (Lake District National Park). Изградбата на новиот музеј овозможила да се создадат подобри услови за излагање на интернационално значајната колекција на чамци. Меѓу другото, ова езерото е познато и според постигнатите светски рекорди за брзина на вода од страна на Сер Хенри Сигрејв (Sir Henry Segrave) во 1930 година и на Норман Бакли (Norman Buckley) во 1950-те години.
Станува збор за музејски комплекс со акцент врз пејзажно обработените парковски простории помеѓу објектите, организиран околу малите пристаништа преку кои езерото не само што е донесено во центарот на комплескот, туку и коишто овозможуваат добар дел од колекцијата на чамци да се изложи во нивниот вообичаен амбиент – езерските води. Преку ваквиот пристап авторите создале врска помеѓу луѓето, чамците и водата. Дополнително, три нови дрвени пристанишни мостови се проектираат во езерото привлекувајќи ги оние коишто користат чамец да дојдат во посета на музејскиот комплекс. Тие исто така овозможуваат и пристап за посетителите коишто доаѓаат во рамките на езерските тури со брод. Пејзажното уредување на меѓупросторите е со акцент на природното опкружување на музејските објекти со примена на локални материјали како отпадоците, парчиња од шкрилец и езерски агрегат во комбинација со дрва и трска, како и дива трева и цвеќиња.
Самостојниот објект на конзерваторската работилница на чамци е лоциран поблиску до нивото на езерската вода во рамките на работилницата за чамци на отворено. За разлика од ова другите објекти во коишто е сместен влезот, конзерваторските галерии, едукативниот простор и кафетеријата се поставени искачени на платформа (подиум) којшто се издига над нивото на очекуваните води. Архитектонското обликување на објектите е инспирирано и се надоврзува на локалната градежна типологија и на традиционалната архитектура на земјоделски и индустриски објекти во Езерската област. И покрај едноставната и фамилијарната форма на објектите истите се дистинктивни преку своите кровови чиишто исклучително длабоки стреи ги штитат надворешните простории од атмосферските влијанија овозможувајќи проширување на внатрешните простори кон надвор.
Внатрешната организација на објектите се карактеризира со централно поставена голема просторија со поглед кон езерото и помошни простории од едната страна и голема натстрешница од другата страна. Ова овозможило објектот да се заврши со симетрично поставен двоводен кров. Дрвото доминира во внатрешната обработка на објектите додека истите надворешно се обработени со профилирани панели од оксидиран бакар прицврстени со бронзени шрафови. Преоксидираните профилирани панели од бакар не само што даваат исклучителна текстура на надворешноста на објектот одблиску туку и ја нагласуваат силуетата на поединечните објекти и на комплексот од подалеку, а коишто се видливи и пристапни од сите страни. Како контраст на овие големи надворешни метални површини се јавуваат и големи отвори или како прозорци или пак како врати, при што големината на вратите го олеснува внесувањето и изнесувањето на чамците.
При планирањето, проектирањето и изградбата на објектот се водело значителна сметка комплексот да биде пристапен во најголема можна мерка, за изградената средина да не создаде пречки за креативноста, партиципацијата, учењето и вклученоста во активностите. Ова било промовирано преку назначувањето на шампион за пристапност којшто се јавил како врска помеѓу тимот задолжен за реализација на проектот и локалните групи за пристапност, а со цел преку процесот на консултација во најраните фази на проектот да се формулираат програмските барања во однос на пристапност во рамките на комплексот.
Дополнително вклученоста на локалната заедница од самиот почеток на проектот одиграла клучна улога во оформувањето на проектот вклучително со селекцијата на проектантскиот тим. Според вообичаената пракса за реализација на објекти од овој вид, очекувањата се новиот објект да придонесе и за доброто на локалната заедница. Во овој случај се проценува дека реализацијата на проектот овозможила директно или индиректно, или да се отворат или да се сочуваат околу 94 работни места. Дополнително, преку изградбата на комплексот отворени се можности за обука и за стручна едукација преку работен ангажман во доменот на конзервацијата на чамци.
Според жирито станува збор за прекрасен, детален, робустен, но усогласен објект кој претставува одлично дополнување на езерото: Дополнелно, за жирито „тоа е исклучителен објект и оставнина за сите оние вклчени во проектот“.