По повод 60 годишницата од скопскиот земјотрес како и годишнините кои го одбележуваат историскиот развој на градот Скопје, на 13. ноевмри – денот на ослободувањето на Скопје, оваа година во рамките на прославата се отвори изложба на идејни решенија на одредени локации во градот Скопје. Главен организатор на конкурсот и изложбата беше „Europe House Skopje” од Европската делегација во Македонија.
За таа цел, беа контактирани петте скопски факултети за архитектура: Архитектонски факултет Скопје при УКИМ, Факултетот за архитектура и градежништо на Интернационалниот Балкански Универзитет, Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје, Факултетот за архитектура при ФОН Универзитет и Факултетот за архитектура при МИТ Универзитет – Скопје, од каде што произлезе заедничка иницијатива за одговор на прашањата како напуштените и неатрактивни јавни простори да се ревитализираат и да придонесат за поатрактивен урбан изглед на градот.
Главната цел на конкурсот беше да се понудат иновативни архитектонски и урбанистички идеи кои ќе ја вратат хуманата димензија и чувството на заедница на Скопје во јавните простори, преку реосмислување или обновување на значајни скопски локации со цел да се создаде инклузивна и одржлива урбана средина.
Организацијата на конкурсот започна кон средина на летото 2023 година, каде што комисијата преку мапирање на потенцијални локации ги селектираше и ги одреди местата кои беа предмет на конкурсната задача. Избраните локации имаат потреба од ревитализација на нивните функции и содржини, и подржуваат конкретни интервенции на теренот. Избраните локации се:
- Просторот кај некогашниот Луна Парк
- Платото околу фонтаната Лотус во градскиот парк
- Просторот околу некогашниот ресторан Езерце во градскиот парк
- Булевар Илинденска (потег од Влада на РСМ до градски парк)
- Кејот на реката Вардар (кај паркот на Франкофонија)
- Кејот на реката Вардар (потег од МАНУ до МРТВ)
- Кејот на реката Вардар во Влае
- Бул. Никола Карев (т.н. улица Пластичарска)
- Сквер Коцка во населба Автокоманда
- Плато околу трговски центар Бутел
- Паркингот околу театар Комедија,
каде што учесниците имаа можност сами да ја изберат локацијата која што ќе ја обработуваат.
Конкурсот беше анонимен и на него можеа да учествуваат млади архитекти до 35 години возраст, како и студенти по архитектура.
Комисијата, заедно со преставниците од организаторот на конкурсот – Europe House Skopje, работеше врз основа на донесените критериуми за оценување кои се состоеа од:
- Иновативност на проектот во однос на програмата, материјалноста, просторната организација и деталите.
- Социјално влијание и инвентивност на проектот кој треба да поттикне заангажирана заедницата и да ги зајакне социјалните врски на корисниците на просторот.
- Почитување на историски, културни и социјални аспекти на градот
- Визуелен импакт на проектот врз просторот и негово позитивно влијание врз посетителот.
- Одржливост, зелена архитектура, биофилен дизајн и инклузивност на проектот
- Графичка презентација.
Конкурсот траеше до 25. октомври, каде што по истекот на рокот, комисијата заседаваше и врз основа на програмата за работа и критериумите ги оцени добиените анонимни конкурсни проекти.
Комисијата во состав: проф. д-р Бојан Каранаков, доц. д-р. Марија Милошевска Јанакиевска, асс. м-р Нина Каранѓелеска Тодоровска, проф. д-р Мимоза Клековска и доц. м-р Дамјан Балкоски, едногласно одлучи првата награда да ја додели на проектот со шифра L4HER и име „Лотус за неа“ од авторот Антонио Грујевски.
Интервентната локација на проектот е просторот околу фонтаната Лотус во градскиот парк. Проектот „Лотус за неа“ е проект за реставрација и зајакнување на одржливоста во овој простор на градот. Во овој проект се оддава почит на жените архитекти кои биле вклучени во постземјотресната обнова на градот Скопје. Проектот има за цел да ја комбинира историјата со природата и се одликува и со едукативна компонента, така дизајниран да ги поттикне следните генерации за одржливи практики и еколошка свест. Тој претставува спојување на минатото со иднината, историјата со одржливоста и уметноста со образованието.
Првонаграден проект
Втората награда припадна на проектот со шифра SDS23 и име „Реосмислување на боени бранови“ на авторскиот тим Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова.
Интервентната локација на проектот е кејот Димитар Влахов, со потег од МАНУ до МРТВ. Во обид да се заживее овој динамичен урбан простор, авторите предлагаат интервенција долж улицата, на начин со кој ќе се зачува историското значење на местото, истовремено воведувајќи нова ера на виталност. Визијата на проектот е да се подобри оваа област преку додавање на ленти во боја, симболизирајќи го преминот од минатото во иднината. Овие ленти се составен дел од постоечката улица интегрирајќи се совршено со околината.
Второнаграден проект
Третата награда е доделена на проектот со шифра NAD23 и име „SpineX“ на авторскиот тим Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска. Интевенираната локација на овој проект е на пластичарска улица. Основната идеа на проектот е подигнување на фукциите на движење н пешаци и велосипеди на горно ниво поради постоечката состојба на улицата. Концептот на проектот предвидува лесна мостна конструкција, направена од челични носачи, скулптурно обработени. Новопредвидената улица ќе овозможи поврзување на различни содржини и активности за корисниците на просторот.
Третонаграден проект
На ден 13.11.2023 година по повод ослободувањето на градот Скопје и 4 години од основањето на ‘Europe House Skopje’, во шалтер салата на Македонска Пошта се одржа свечена манифестација – архитектонска изложба каде што беа прикажани сите 12 пристигнати трудови на конкурсот и беа доделени наградите на авторите од страна на амбасадорот на ЕУ во РСМ, н.е. Дејвид Гир.
Со овој конкурс се докажува дека младите архитекти го почитуваат својот град и активно даваат предлози за воспоставување на Скопје како идна модерна европска метропола, базирајќи се на човечките вредности прикажани во постземјотресната обнова на Скопје како град на солидарноста.
Автор: доц. м-р Дамјан БАЛКОСКИ