Дека значајните архитектонски дела исчезнуваат за на нивно место да се изградат нови објекти не е голема вест за нас на овие простори, но неодамна пример за таква пракса можеме да видиме во Велика Британија, каде што на првата зграда што ја освои престижната награда Стирлинг – и се заканува уривање.
Сместена во рамките на Универзитетот во Салфорд, објектот стар 29 години со име Centenary беше прогласена за најдобра нова зграда во Обединетото Кралство во 1996 година, а архитектите кои ја проектираа ја добија првата награда од Кралскиот институт на британски архитекти (RIBA). .
Меѓутоа, образовниот објект проектиран од бирото од Манчестер Hodder + Partners, наскоро би можел да биде срамнет со земја како дел од големиот проект за урбан развој на околината наречен Adelphi Village.
Зградата е празна речиси една третина од својот животен век
Кога Centenary ја доби наградата, жирито ја претстави како „динамичен, модеррн и софистициран потфат во челик, стакло и бетон“. Но, проблемот произлегол од фактот што зградата е празна во последните осум години, односно речиси една третина од својот животен век.
Првично, Hodder + Partners, порано познати како Hodder Associates, ја проектирале оваа зграда за Школа за електротехника на универзитетот, но по завршувањето користена е од страна на Факултетот за уметност и дизајн технологија.
Според пишувањето на списанието Architects Journal, некогаш најдобрата нова зграда во Британија е на списокот за уривање од 2018 година, откако беа одбиени плановите на британското студио 5plus Architects зградата да се претвори во училиште.
Уривањето неодговорно и непотребно
Во обид да се спаси објектот, кампањата Twentieth Century Society во тек на минатиот месец поднесе барање зградата да се стави на листа на заштита. Подносителите потоа изјавиле дека уривањето на зградата би било „целосно неодговорно и непотребно“.
„Многу е разочарувачки што претходните планови кои се за пофалб,а да се пренамени во училиште или за употреба на заедницата пропаднаа, и што сега гледаме дека се предлага празната зграда да се урне. Тоа би било целосно неодговорно и непотребно решение и го повикуваме универзитетот да ја преиспита својата одлука“, велат од Twentieth Century Society.
Од оваа кампањата вистакнуваат дека нивното барање е „интересен тест за статусот на наследство на претходните добитници на наградата Стирлинг“, со оглед на тоа што оваа престижната награда влегува во својата триесетта година – што е и старост во која зградите обично стануваат квалификувани за ставање на лизта за заштита.
Рок на траење од само 30 години?
Подносителите на барањето потоа го поставија прашањето: „Ако зградите што ‘дале најголем придонес во развојот на архитектурата’ имаат животен век од само 30 години, што ни кажува тоа за моменталната состојба во британската архитектура?“
Додека се врши нејзината проценка, уривањето на зградата Centenary во моментов е поддржано од тим што го сочинуваат Градскиот совет на Салфорд, Универзитетот во Салфорд и развојната компанија English Cities Fund. Во заедничката изјава за Dezeen, групата навела дека четирикатната зграда била празна „третина од својот живот“ и повеќе не е погодна за намената.
„Иако зградата Centenary е дел од нашиот универзитетски кампус веќе неколку децении, за жал нејзината застарена инфраструктура значи дека повеќе не ги исполнува современите стандарди и барања“, рече нивниот заеднички портпарол.
Според податоците на Twentieth Century Society, постојат неколку други значајни згради во Велика Британија кои се нашле на списокот за уривање. Меѓу нив е и Музејот на Лондон, кој е планиран да биде урнат за да се направи простор за реализација на проектот London Wall West.