Проектантско биро: „Ателје Ајвар“
Автори: Миодраг Радоњиќ – Бато, д.и.а., Ранчо Христов д.и.а., Ана Радоњиќ д.и.а., Дамјан Христов д.и.а.
Инвеститор: Приватен
Година на проектирање: 2017
Година на изведба: 2018-2019
Површина на локација: 367 м2
Вкупна бруто изградена површина: 445 м2
Комплетно водење на изведбата – Инженеринг: „Радоњиќ архитекти“ – Миодраг Радоњиќ – Бато, Ана Радоњиќ
Проектирањето на куќата во скопската населба Тафталиџе, која претставува современ семеен дом е започнато во 2017 година, согласно урбанистичките параметри, кои дозволуваат и поголема височина на објектот, но согласно програмските барања на клиентот куќата е на две нивоа, приземје и кат, со современ естетски израз.
Објектот со влезот во паркинг просторот и влезот за домување, ориентиран е кон улицата „Дрезденска“. Од улицата преку предвидениот колски пристап се влегува на паркинг просторот на ниво +/- 0.00, каде на партер е предвидено паркирање за две возила.
Објектот е проектиран како семејна куќа со два стана кои претставуваат посебни функционални целини со заеднички подрумски простор и скалишно јадро. Во подрумот, на ниво -2.30, предвидени се подрумски остави, помошни, технички простории и простори за хоби активности. Од подрумот овозможена е директна врска со приземјето преку скалишниот простор, кој ги поврзува сите нивоа од подрумот до катот. Секое ниво е третирано како посебен апартман. Приземјето е наменето за родителите, а катот е проектиран за нивните деца.
Приземјето е организирано на две полунивоа, на ниво +0.54 сместени се заедничките прсотори, скалишниот простор, влезниот хол, тоалет, кујна со трпезарија и дневен престој. Педесетина сантиметри повисоко, на ниво +1.08, предвиден е интимниот дел, две детски спални соби, една бања и родителска спална соба со сопствен гардеробер и уште една бања наменета само за оваа соба. Приземјето е со директен пристап кон дворот кој ја опкрижува куќата.
Катот на ново +3.81 е организиран на сличен начин како приземјето. Содржи влезен хол, кујна со трпезарија, дневен престој, одвоен интимен дел, ист како тој на приземјето со две детски соби, бања и родителска спална соба со соптвена бања и гардеробер. Разликата е во организацијата на дневниот дел која произлегува од идејата за пространа тераса која треба да го замени дворот кој го има приземниот апартман. Терасата е со југоисточна ориентација, дел е покриена, а дел отворена и озеленета и се протегаат одлични погледи кон планината Водно.
Објектот и неговите содржини решени се соодветно сите стандарди и нормативи, со сите потребни придружни функции, со современи материјали и опрема и како такви овозможуваат висок стандард и современ начин на живеење.
Конструктивниот систем се состои од армирано-бетонски скелетен систем од столбови комбиниран со армирано – бетонски платна и меѓукатна конструкција од армирано – бетонски плочи. Покривот е решен со армирано – бетонска рамна плоча преку која на дрвена подконструкција е поставен кров од поцинкуван лим. Целиот објект е термички изолиран, вклучувајќи ги темелите, сите нивоа и кровот, што придонесува за енергетско ефикасни услови.
Архитектонското обликувања е постигнато главно со првостепена пластика, рамни фасадни површини со осмислена динамика на отворите и масите, која е надополнета со детали од челик во боја и дрвени елементи. Притоа добиена е композиција со јасна и прецизна поделба на полните ѕидни маси, еркерите и вовлекувањата, кои се произлезени и се резултат на функцијата која ја следи формата.
Особена сметка е водена за деталите и нивната соодветна апликација и примена во просторот. Целовитоста на обликувањето постигната е со примена на висококвалитетни материјали за фасадна обработка, кои се соодветно колоритно обработени и укомпонирани.
Куќата е добитник на наградата BIG SEE ARCHITECTURE AWARDS 2020 од Словенија во категоријата станбена архитектура.