Насловна / Архитектура / Наградата Стирлинг 23: Пореволуционерен со своето влијание на секојдневните животи од бомбастичните проекти

Наградата Стирлинг 23: Пореволуционерен со своето влијание на секојдневните животи од бомбастичните проекти

На 19.10.2023 во Манчестер се одржа свечената церемонија за доделување на годишната Стирлингова награда за архитектура на Кралскиот институт на британските архитекти за 2023 година. На истата Џон Морден Центарот во Блекхит, Лондон, од Мае за Морден колеџот беше прогласен за 27-миот добитник на оваа награда со која се одбележува најдобриот нов објект во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

01

ИСТАКНАТ ВО КОНКУРЕЦИЈА НА ШЕСТ НАЈТЕСНО СЕЛЕКТИРАНИ ПРОЕКТИ

На патот кон Стирлинговата награда овогодишниот лауреат е и добитник на Наградата на Лондон за 2023 година, Зградата на Лондон за 2023 година и Националната награда за 2023 година, сите на Кралскиот институт на британските архитекти, и се истакнал во конкуренцијата на шест најтесно селектирани проекти за наградата вклучително со Куќата за уметникот од Апарта Архитектс, Централ Сомерс Тоун содржини за заедницата и домување од Адм Кан Архитектс, Кортланд конектс при Кортланд институтот за уметности на Витфорд Ватсон Ман Архитектс, Лавендер Хил дворно домување од Сергисон Бејтс Архитектс и Факултетот за уметности на Универзитетот во Ворик од Филден Клег Брадли Студиос. Со исклучок на последниот сите селектирани проекти во најтесниот избор се лоцирани во Лондон.

2

ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ДОМ ЗА ВОЗРАСНИ ЛИЦА

Инвеститорот на наградениот проект е Морден колеџот основан од трговецот Сер Џон Морден во 1695 година како добротворна организација посветена за обезбедување на дом за цел живот на повозрасните лица, вклучително со можности за домување и нега.  Сместувањето на корисниците е во рамките на главната локација на колеџот во Блекхит во заштитен комплекс на градителско наследство од Прва категорија кој се препишува како дело на прочуениот англиски архитект Сер Кристрофер Врен (1632-1723), авторот на Св. Пол Катедралата во Лондон, како и во други објекти во сопственост на организацијата.

04

Оригинално колеџот бил наменет за сместување на трговците коишто се соочуваат со финансиски тешкотии во својот живот. Денес главни критериуми за селекција на станарите и корисниците се дали лицето или нивниот партнер имале во минатото позиција на одговорност (менаџер или лидер) во доменот на трговијата, занимање или професија, дали се приматели или ги исполнуваат условите за примање на државна пензија во Обединетото Кралство, и да имаат потреба како резултат на слаба економска состојба, како на пример ниски примања и вкупен движен и недвижен имот со вредност не поголема од 40.000 фунти (околу 46.000 евра).

ПОСРЕДУВА ПОМЕЃУ ФОРМАЛНОТО И НЕФОРМАЛНОТО

Во наградениот објект е лоциран Дневниот центар со социјални и здавствени простори за сите жители. Објектот е со бруто-внатрешна површина од 911 квадратни метри, а цената на изградба била нешто под 4.000 фунти (околу 4.600 евра) по метар квадратен.  Проектната програма побарала различните функции лоцирани низ зградата на колеџот да се релоцираат во еден објект. Тие ги вклучуваат здравствениот центар, кафетеријата, дневните соби за престој и административните простории. Одговорот на Мае бил преку концепт на „’рбет“ од дрво кој меандрира и меѓусебно ја поврзува низата од павилјони од тула во кои се сместени различните програмски содржини за нега и збогатување на животот на жителите.

3

Се смета дека архитектонскиот карактер на објектот посредува помеѓу формалното и неформалното, монументалното и интимното. Влезната фасада на објектот од тула и стрмен кров дава формална монументалност на објектот која е соодветна на заднината на оригиналниот објект на Врен. Влезот води низ внатрешниот „’рбет“ на објектот формирајќи патека која наликува на затворена шума. Надворешно ова е искажано преку колонада која се надоврзува на формалната колонада во објектот на Врен.

8

Однатре корисниците постојано се движат помеѓу погледите од градината. Секоја промена во насоката на „’рбетот“ се одбележува – кус поглед на просторија, продор на дневно светло, пауза. Ова го истакнува чувството на откривање како што се продолжува движењето или како што се менува денот.  Има доволно места да се седне и да се одмори. Сокриен ракофат или вградено седиште се поставени по должината на комуникациите – важна компонента доколку лицето се почувствува несигурно.  Значително внимание е посветено на приватноста преку вклучувањето на заштитени простори, соодветна висина на прозорците и примена на паравани за заштита на приватноста.

10

Носивата конструкција на павилјоните од тула е од попречно ламинирани панели од дрво со стрмни кровови во кои се сместени здравствениот центар, собите за прегледи, просторот за уметности, кафетеријата и канцелариите. Сите тие се волуменозни, топли по својот карактер и нудат доволно природно светло – иделно за да се помине времето. „Оџаците“ можат да се отворат за да овозможат природна вентилација во потоплите денови. Погледите секогаш се видливи низ и помеѓу просторите привлекувајќи ги заинтересираните, овозможувајќи случајни средби или можности за избегнување на покомплицираните соседи.  Патеката завршува во поголема сала, дел од постојниот објект на парцелата, а којшто беспрекорно е интегриран со решението.

03

ПРЕКРАСНА НИЗА МЕАНДРИРАЧКИ ПРОСТОРИ

Иако објектот е топол и нуди чувство на добредојде, тој е навидум едноставен, цврст и со многу детали, карактеристики коишто треба да му овозможат добро да старее со текот на времето. Проектот овозможува прекрасна низа на меандрирачки простори коишто експертно ги комбинираат рекреативните и посложените медицински содржини избегнувајќи го впечатокот на институционалност. Постоењето на вакви стимулативни простори е неопходно за да се надминат самотијата и изолираноста.  Убавината во комбинација со цврстината на деталите ќе придонесе за веселоста при употребата со години.

5

Наградениот објект е инспиративен пример на архитектура која им овозможува на повозрасните лица да живеат без изолација. Испроектиран да промовира дружење и движење помеѓу корисниците и преку тоа да ги поддржува нивните поздрави и подолги животи. Се смета дека преку овој нов проект со соби за терапија, фризерски салон, салон за нокти, простор за настани и простори за промовирање на добросостојбата сместен во прекрасно опкружување е продолжен животниот век на три века стариот дом за сместување и нега.  Примената на социјалните простори и определбите да се проектира за здравје и нега се сметаат како клучни одлики на квалитетот на наградениот објект.

ИЛУСТРИРА КАКО ОБЈЕКТИТЕ МОЖАТ ДА БИДАТ ТЕРАПЕВТСКИ

За претседателката на жирито за Стирлинговата награда, Ајлин Ван Лун: „Џон Морден Центарот е место на веселост и инспирација. Тој чувствително и беспрекорно ги интегрира здравствените и социјалните простори, испорачувајќи моќен и надежен модел на дизајн за здравствени и центри за нега на возрасните. Посветеноста на создавање на средини кои ќе го подигнат духот и поддржат заедништвото е евидентен при секоја промена на насоката на движење и во секој детал.

6

Овој солиден објект овозможува комфор и топлина преку обмислено испроектирани елементи за да се спречи изолацијата. Тој илустрира како објектите можат да бидат терапевтски преку поддршка на негата и вградувањето на чувството на припадност.  Исклучителната архитектура ги ориентира луѓето за тие да можат да напредуваат, и овој објект е пример како да се постигне токму ова.“

02

ДОСТОИНСТВО

Согледувањата на жирито ги отсликуваат и гласовите на учесницето во гласањето на луѓето за оваа награда, според кои објектот се смета за нешто што се истакнува во рамките на секторот кој не води многу сметка за архитектурата, како и дека станува збор за пример како да се даде достоинство не само на новиот објект и на оригиналниот објект на Врен, туку уште поважно да им се даде достоинство на оние коишто престојуваат во него. Коментарите на гласачите ја истакнуваат и успешната интеграција на пејзажната архитектура, како и „Ова има толку хумана мерка и реагира толку чувствително на постојните објекти“ и  „Елегантно, едноставно и сензуално богато:  прекрасно и возвишувачко место“.

7

Бројни жирија на Кралскиот институт на британските архитекти покажале прифаќање на чувствителната употреба на места, волумени и материјалност. Оваа тивка архитектура може да биде пореволуционерна со своето влијание на секојдневните животи од бомбастичните урбани проекти во сребрено или сино. Станува збор за објект кој може да биде одржлив, да ги задоволи потребите и да ги намали емисиите на јаглеродот како однапред така и во текот на користењето на објектот. Оттука се смета дека доделувањето на Стирлинговата награда на Џон Морден Центарот претставува соодветно одбележување на овој обмислен и извонредно проектиран пример на тивка архитектура.

9

Испрати коментар

Scroll To Top