Присутните на свеченоста Ден на Комората кој се одржа на 22 декември 2023 година имаа можност да го проследат свеченото доделување на четирите годишни награди кои се доделуваат по 10ти јубиларен пат во знак на благодарност и почит за творештвото на своите членови – архитекти и инженери.
Оваа 2023 година на големо задоволство на организацијата престижната награда „Проф. д-р Илија Черепналковски“ трет пат по ред, од воспоставувањето на наградата во 2014 година, ја понесе машински инженер – жена. Вредно е да се напомене дека и покрај големите достигнувања на жените во градежната индустрија во последните 100 години, тие сепак претставуваат само околу 13% од инженерските професионалци.
На пригодната свеченост се обрати Раководителот на одделението за машинство Проф. д-р Даме Димитровски кој го претстави годинешниот добитник на наградата „Проф. д-р Илија Черепналковски“.
Сања Србовска, дипломиран машински инженер
Димитровски во своето обраќање истакна дека машинството за г-ѓа Србовска истовремено претставува хоби, пасија и професија. Таа е инженер кој секогаш е заинтересиран за иновативност и прогресивност во машинството.
Сања Србовска дипломата за високото образование ја стекнува на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Нејзините квалификации се во доменот на проектирањето и изведбата на термотехнички инсталации на системите за греење, ладење и климатизација, проектирање на гасни инсталации за снабдување и користење на природен гас и ТНГ, изработка на студии за замена на течни горива со природен гас, изработување на енергетски прегледи и имплементирање на мерки за енергетска ефикасност во јавни објекти и.т.н.
Инженер Србовска во моментот е на позиција одговорен проектант со надзор на изведба и раководител на градба во „Енергосистем“ – Скопје.
Од обемното портфолио може да се издвои:
• Изработка на Главен проект за гасификација на објектите на ЈСП- Скопје
• Изработка на Основен проект за снабдување со гас и гасна инсталација на фабриката за производство на дигитална опрема за автомобили „Jonson Controls“ СЕЗ Бунарџик, Скопје
• Раководење со изведба на термотехнички инсталации на Автомобилска производствена фабрика за екструзија и носачи за батерии ДУРА2-ТИРЗ, Бунарџик, Скопје.
• Раководење со изведба на термотехнички инсталации на објектот ЈЗУ Детска клиника Скопје и.т.н.
Комората на овластени архитекти и овластени инженери ѝ честита на добитничката на наградата „Проф. д-р Илија Черепналковски“ за 2023 година и ѝ посакува уште поголеми успеси и достигнувања во струката.