Насловна / Дневни Вести / Сеизмолози од цел свет на конференција на ИЗИИС

Сеизмолози од цел свет на конференција на ИЗИИС

iziis_naslovna.jpgИнститутот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје деновиве наголемо се подготвува за 14-та петдневна европска конференција за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, која ќе се одржи од 30 август до 3 септември во Охрид.

Според Михаил Гаревски, директор на ИЗИИС, тоа ќе биде еден од
најголемите научни настани што се случиле во Македонија, па дури и на
просторите на поранешна Југославија. Целта на конференцијата, чиј
организатор е ИЗИИС, е да се утврди состојбата на земјотресното
инженерство во 21 век, но и сеизмичката сигурност на старите и на
новите градби.

 

Подготовките се во полн ек, се врши котизација на пријавените учесници и се обезбедуваат сувенири што тие ќе ги понесат како спомен од нашата земја – вели Гаревски.

Куриозитет е тоа што сесиите и пленарната седница ќе се одржуваат во огромен шатор со димензии 65 на 20 метри, кој ќе биде распространет на паркингот пред хотелот „Метропол“, бидејќи ниту една сала во овие хотели не собира на едно место 2.000 луѓе, ниту пак имаме толкав конгресен центар.

Конференцијата ќе има девет паралелни сесии што ќе опфатат различни содржини од земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија, а на пленарната седница ќе има девет клучни предавања на најеминентни имиња од целиот свет. Значењето на оваа конференција, како што вели Гаревски, го потврдува и големиот интерес за неа од научници од целиот свет.

– Досега се добиени 1.760 научни апстракти со 10.000 страници материјал, во кои ќе земат учество 2.500 научници од целиот свет, од Нов Зеланд, Јапонија, Америка, од сите земји во Европа, меѓу кои и 20 професори од Грција – објаснува Гаревски.

Од овој материјал ќе биде испечатена книга.

Европска конференција за земјотресно инженерство се одржува на секои четири години. Последната конференција е одржана во Женева, а за следната се пријавени Истанбул и Виена. (Dnevnik)

Испрати коментар

Scroll To Top