До крајот на идната година се очекува да биде завршена реконструкцијата и надградбата на магистралниот пат Велес – Кадрифаково во вкупна должина од 24 километри што се финансира со средства од Европската банка за обнова и развој.
Со реконструкцијата е предвидено досегашната широчина од 6,4 метри на овој најфреквентен пат во источна Македонија да се зголеми на 5,55 метри во еден правец, односно за околу 11 метри во двата правци.
Првата фаза од клучката Велес до велешката депонија е веќе завршена и во моментот се работи на втората фаза од велешката депонија до Лозово, во вкупна должина од 8,9 километри.
– Градежните активности течат согласно зацртаната динамика и очекуваме до крајот на оваа година или додека дозволуваат временските услови да се заврши најголем дел од трасата, односно патот да биде пробиен по целата негова широчина. Сето ова се прави за да се елиминираат црните точки, јаките свиоци и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, – изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски при денешниот увид на градежните работи.
За третата фаза од Лозово преку Сарамзалино до Кадрифаково, со вкупна должина од 10,9 километри, веќе е склучен договор со градежна компанија и за околу еден месец се очекува да започнат градежните работи и на овој дел од делницата.
На овој патен правец се утврдени околу 12 „црни точки“, а дозволената брзина на движење е околу 60 километри на час. Со проширувањето ќе се елиминираат „црните точки“ и се очекува просечната брзина да се зголеми на околу 90 километри на час.
– Со реконструкцијата, надградбата и проширувањето, овој патен правец прераснува во брза магистрала на која ќе бидат елиминирани сите „црни точки“ така што ќе се добие еден безбеден патен правец со дозволена брзина од 90 километри на час, – нагласи Георгиевски.
Патот од Велес до Кадрифаково се смета за најфреквентен во источниот дел на државата низ кој дневно поминуваат над 5.000 возила. Во последните три години на овој патен правец се случиле над 200 сообраќајни незгоди од кои некои и со тешки последици.