Западниот дел на САД втора пролет по ред ќе претрпи долга суша, предупредуваат научниците.
Во новата сезонска прогноза, американската национална метеоролошка служба предвиде продолжување на сувите временски услови во голем дел од земјата, од Калифорнија на запад, Монтана на север до Тексас на југ.
Прогнозата доаѓа по минатогодишната најтешка суша во историјата, влошена од рекордните температури што ги погодија западните делови на САД.
“Со оглед на тоа што речиси 60 отсто од континенталната површина страда од услови на суша, ова ќе биде најраспространетата суша што сме ја доживеале од 2013 година“, вели главниот прогнозер Џон Готшалк.
Според него, сушата во некои западни делови трае од летото 2020 година, а се проширила и во јужните делови и долината на Мисисипи.
Метеоролошката служба навела дека поради исклучителната суша се зголемил ризикот од пожари кои би можеле да бидат подеднакво интензивни како и минатогодишните кои ги погодија Калифорнија и Орегон.
Југозападните држави, како Калифорнија, Невада, Аризона и Јута, се погодени од суша веќе две години, што доведе до нивото на водата во клучните резервоари, како што е браната Хувер, да биде на историски најниско ниво.
Националната служба за океани и атмосфера изјави дека американскиот југозапад од 1895 година претрпел најсушен период од дваесет месеци, меѓу јануари 2020 година и август 2021 година.