Над 50 проценти повеќе одобренија за градба се издадени во ноември во споредба со истиот месец претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Податоците покажуваат дека во ноември се издадени 281 одобрение за градење што е за 54,4 проценти повеќе во однос на ноември 2013 година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.601.885.000 денари што е за 83,9 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 181 се наменети за објекти од високоградба, 41 за објекти од нискоградба и 59 за реконструкција.
На 184 објекти како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 97 објекти се деловни субјекти.
Во овој период е предвидена изградба на 361 стан со вкупна корисна површина од 35.324 м2.