Насловна / Арт и дизајн / Нацистите украле и конфискувале 650.000 уметнички дела

Нацистите украле и конфискувале 650.000 уметнички дела

Супермузејот, чија што колекција требало да ги засени сите останати музеи требало да биде изграден во Линц. Тоа било желба на Адолф Хитлер која никогаш не се остварила, но обидот за формирање на овој музеј ги „чинел живот“ голем број уметнички дела, но и луѓето кои ги чувале. Според најновите податоци, нацистите за време на Втората светска војна украле и конфискувале 650.000 уметнички дела од кои околу 8.000 биле собрани токму за музејот во Линц.
Од сигурно уништување, многу од овие дела биле спасени од два одреда организирани пред крајот на војната. Едниот одред доаѓал од Запад, а другиот од Исток. Но, за жал за голем број уметнички дела, крајот на војната не значел и ослободување. Многу од нив ги „голтнала темнината“, па ни ден денес не се знае дали се уништени или вешто се скриени во приватни колекции.

verm1

„Алегорија на сликарството“, Вермер

„Идеата за правење на супермузеј Хитлер ја добил при престојот кај Мусолини кога ги посетил музеите во Рим и Фиренца. Планот на Хитлер, Линц да го претвори во културен центар, бил од двете страни на Дунав да се изградат репрезентативни градби и галерија во средина. Проектот за галеријата на слики го изработил Алберт Шпер, официјалниот архитект на Третиот рајх, а раководител на изградбата на музејот бил Ханс Посе, директор на музеот во Дрезден, најдобар познавач на италјанското и холандското сликарство“, вели др Рената Самарџиќ, авторка на книгата „Уметност и криминал”.
Фондовите на идниот музеј формирани се по пат на конфискација на уметнички дела на окупираните територии и масовно купување, често под притисок. Постојат податоци дека германската влада во корист на Хитлер потрошила повеќе од 183 милиони рајхс марки (денес тоа се околу 660 милиона евра). Ова Хитлер го направило најголем колекционер на светот.
„Императивот бил во музејот да се најдат дела на Вермер, Рембрант и Рубенс. Меѓу првите слики набавени за Линц била Вермеровата „Алегорија на сликарството“ од колекцијата на виенските колекционери, браќата Еуген и Јаромир Чернин. Сликата е пренесена во Минхен во збирка наменета исклучиво за Фирерот“, вели Самарџиќ.
Под раководство на фашистичкиот идеолог Алфред Розенберг, Хитлер оформил специјални единици за ограбување на уметнички дела во сопственост на Евреи, нееврејска аристократија вон Германија, синагоги, манастири во сите окупирани земји и државни збирки воглавном од земјите на Источна Европа.
Само во Советскиот Сојуз нацистите уништиле и оштетиле околу 3.000 древни манастири и ремек дела на архитектурата. Од Русија се украдени стотици илјади уметнички дела од државните колекции, меѓу кои се и слики на Рејпин и Ајвазовски. Во рускиот „Каталог на украдени културни добра за време на Втората светска војна”, во педесет тома забележани се 1.129.929 единици. Многу уметнички дела се изгубени и никогаш не се пронајдени. Едно од највредните уметнички дела е Ќилибарната соба од палатата на Катарина Велика во Царско село. Но од ограбување не биле поштедени ниту земјите на Западна Европа, Франција, Белгија. Се проценува дека нацистите за четири години од Франција во Германија транспортирале околу 100.000 уметнички дела.

cilib

Ќилибарната соба

„Од колекцијата на париските Ротшилди, нацистите конфискувале 5.009 уметнички дела, меѓу кои и сликата „Астроном“(1668) на Вермер. Сликата со воз е испратна од Париз во Германија 1941 година и доставена на Хитлер. Во мај 1945 била сокривана во тајно нацистичко засолниште на крадени уметнички дела – рудникот на сол Алтаузе во австриските Алпи. По војната сликата е вратена на сопствениците, кои ја продале или поклониле на Лувр. Хитлер во рудникот адаптиран во депоа, ги преместил сите дела наменети за музејот во Линц. Од мај 1944 година до април 1945 во Алтаузе пристигнале 1.687 слики од Фиреровата канцеларија. Меѓу нив биле полиптихот „Мистично јагне“ на браќата Ван Ајк и скулптурата на Микеланџело Богородица од Бриж“, наведува Самарџиќ.

astr

„Астроном”, Вермер

„Астроном”, Ганскиот олтар и Богородица од Бриж ги открил прочуениот Уметнички одред во кој биле Роберт Пози, Линколн Кирстајн и Џејмс Роример. Тие спасувале дела од повеќе од 2.000 засолништа. Само во рудникот Алтаузе откриени се 6.557 слики, 230 цртежи, 954 графики, 137 скулптури, мебел, таписерии, книги, оружје…
Голем број уметнички дела исчезнале без трага. Меѓу нив е и „Портрет на млад човек“ На Рафаело, украден од музејот во Краков, последен пат виден 1945 година. Оваа слика се смета за највредно уметничко дело изгубено за време на Втората светска војна.

бриж

Богородица од Бриж

„За нацистите уметноста била сретство за пренесување на на националсоцијалистичката идеологија, која пропагирала расна припадност. По наредба на Хитлер и Гебелс од државните колекции на германските музеи отстранети се повеќе од 17.000 дела на модерната уметност, означени како изопачени, дегенерисани. Судбината на многу од нив и денес е непозната. Некои се продадени во странство, а некои запалени во Берлин. Во сите наведени случаи постои една заедничка црта – конфискувањето било подигнато на ниво на државна политика. Фашистичкиот режим за време на Втората светска војна, уметноста и културата до таа мера ги сфакале сериозно, што ги асимилирале директно во својата политика“, нагласува Самарџиќ.
Превземено од: Политика

Испрати коментар

Scroll To Top