Со свечена академија и изложба на дела и архивски материјали Националната галерија на Македонија го прослави 70-от роденден. Основањето на националната галерија е историски чин, 70 години искрена желба да се прикаже најдоброто од Македонија.
Националната галерија на Македонија е еден универзален храм на репрезентативното богато творештво кое оставило трајно сведоштво за ликовната уметност на овие простори и пошироко, почнувајќи од 12 до 21 век, од средновековието преку основоположничката генерација на современото македонско сликарство, до најсовремените текови во сите ликовни дисциплини. Ова го истакна директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими на одбележувањето 70 години од постоењето на оваа установа, што се одржа во Даут пашин амам. Таа посочи дека уште од почетоците Гелеријата како свој доминантен изложбен простор го одредува Даут пашин амам, споменик на културата од профаната исламска архитектура од втората полоцина на 15 век, а потоа и вториот објект при Националната галерија – Чифте амам во Старата турска чаршија, објекти кои се заштитени од државата како споменици на културата од национален интерес.