Националната галерија како дел од глобалната мрежа на музеи и галерии кои го одбележуваат 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите со добри вести се придружува кон одбележување на оваа манифестација.
Влезот во сите објекти е слободен во рамките на работното време од 10-18 часот.
Вчера, 17. мај 2023 година МНК ИКОМ додели две значајни музејски награди на Националната галерија за 2022 година.
Првата награда која ја додели, Националната галерија е МУЗЕЈ НА ГОДИНАТА, како резултат на богатата и квалитетна музејско-галериска програма на Галеријата во текот 2022. Оценките се за исклучителната видливост и препознатливост; инклузивност; работа со теми од особено значење за општеството: благосостојба, климатски промени, животна средина, одржливост. Проектите кои се причина за доделување на оваа награда, реализирани во минатата година се: Националното претставување на 59. Венециско биенале – „Пејзажно искуство“ на авторите Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски, потоа ретроспективната изложба на Димитар Кондовски, изложбата на Иванчо Талевски: „Пресек: Дама со девет камења“, претставувањето на меѓународно афирмираниот мултимедијален уметник Дриант Зенели со неговата „Трилогија: Под површината има уште една површина“, „Портретите на Илија Аџиевски“, Ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски-Тофе, 30 години творештво на Нехат Беќири и од меѓународната соработка претставување на бугарската група XXL.
Втората доделена награда е за кураторката Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија, за МУЗЕЈСКИ РАБОТНИК НА ГОДИНАТА. Наградата е резултат на нејзината посветеност и професионалност во музејско-галериската дејност.
Како што претходно е најавено, а во насока на поддршка на формалното образование, развивање на креативни вештини и културна едукација кај најмладите, Националната галерија ја најави завршната манифестација на едукативната наградна игра „Лавиринт на уметноста 2“, наменета за основците. Играта која се реализираше во текот на април и мај 2023 заврши. Денес, 18. мај 2023 – Светскиот ден на музеите, по пат на извлекување ќе бидат доделени стотина пригодни награди на учесниците кои ја решиле загатката на наградната игра и го пополниле прашалникот. Наградната игра и официјалното извлекување на добитници ќе се случи во Даут пашиниот амам во 12 часот.
Потсетување и дека утре, 19 мај 2023 во Даут пашиниот амам ќе биде промовирана монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторката Анета Светиева. Промоцијата е закажана во 12 часот.