Светски познатиот архитект Марио Бота, денес во Скопје и Тетово оддржа предавање за архитектурата и неговите архитектонски дела. Швајцарската амбасада во Македонија во соработка со Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје и Државниот универзитет од Тетово, го организираа гостувањето на светското име во архитектурата кој зад себе има оставено многу восхитувачки дела.
Во презентацијата на неговите дела во хотелот Холидеј Ин, пред големиот број на професори, архитекти, студенти од Архитектонскиот факултет во Скопје и други посетители, покажа дека неговите архитектонските дела и дизајни имаат тенденција да вклучат силно чувство на геометрија, што често се базираат на многу едноставни форми, но сепак создаваат уникатен обем на простор. Неговите градби често се направени од цигли, но сепак неговиот избор на материјали е широк, разновиден и често впечатлив и оригинален. Марио Бота е роден во 1943 година во швајцарското гратче Мендрисио, а првиот објект го проектирал на само 16 години. Меѓу неговите позначајни дела се вбројуваат музеите на современа уметност во Сан Франциско и Шарлот, зградата на Националната банка во Грција, синагогата и еврејскиот културен центар во Универзитетот во Тел Авив.