Насловна / Арт и дизајн / Светлосни едра како нови светски светилници

Светлосни едра како нови светски светилници

svetlosni_edra.jpgОваа светлосно-просторна инсталација составена од едра кои светат е дело на виенското архитектонско студио „Sohne & Partner Architekten“. Дизајнирани за да ги водат посетителите низ различни изложби околу езерото, овие „светилници“ се водачи-симболи, кои освен за осветлување на патот, исто така, генерираат енергија од езерото за да се напојуваат себеси. Ова дело е еден од проектите што влегоа во потесниот избор на наградата за урбан дизајн WAN AWARDS 2010

Светлосните едра што ги дизајнираа архитектите од студиото „Sohne & Partner Architekten“ од Виена, се користат како водачи-симболи на државната изложба околу езерото Милштетер во австриската покраина Корушка. Овие шарени светлосни инсталации поставени на седум точки околу езерото, според австриските медиуми, претставуваат вистинска туристичка атракција за посетителите на овој дел од државата. Светилникот, како еден од најстарите комуникациски системи и објекти, во 90-тите години на минатиот век, беше метафора за ориентација низ „World Wide Web“, на интернет пребарувачот „Netscape Navigator“. Светилникот како точка за ориентација, која треба да се гледа оддалеку, долго време била користена за превоз и патување во текот на денот и ноќта. Денес, тој прерасна во симбол на празници, на морето, на авантурите и на водата. Идејата за дизајнирање на овие седум светлосни едра како „светлосно-просторна инсталација“, произлегла токму од овие стари и добро познати приказни за светилниците. Дизајнирани за да ги водат посетителите низ различни изложби околу езерото, овие „светилници“ се водачи-симболи, кои освен за осветлување на патот, исто така, генерираат енергија од езерото за да се напојуваат себеси. Така, овие едра ориентирани кон езерото, претставуваат светлосни и апстрактни објекти, кои истовремено функционираат и како предаватели и како приемници. Светлината што тие ја овозможуваат, создава една смирувачка животна околина, со што се подобрува визуелното искуство и естетското доживување од страна на посетителите на изложбите. Илуминацијата на светлосните едра влијае врз околината – колку повеќе луѓе се приближуваат кон овие едра, толку светлината станува пожива. Осветлувањето, исто така, реагира и на температурата- едрата константно ја менуваат својата боја. Постудена температура, потопли бои на светлината, и обратно.

 

svetlosni_edra_1.jpgsvetlosni_edra_2.jpgsvetlosni_edra_3.jpg

Дејан БУЃЕВАЦ 

Испрати коментар

Scroll To Top