Atlas Obscura ја истражува веројатноста дека на Земјата веќе живее лице кое во блиската иднина ќе стане првиот Земјанин што ќе почине на Марс. Токму заради ова, компанијата Mars One очекува првите патници на летот кон Марс да бидат патници во една насока, односно, дека таму ќе останат до крајот на својот живот.
Милијардерот Илон Маск изјави дека и самиот е подготвен таму да го помине остатокот од својот живот. Неговата компанија, SpaceX, за волја на вистината, планира враќање на својата мисија од Марс, но истовремено порачува дека сите кои ќе се одважат да патуваат во првата мисија, мора да бидат свесни за можноста никогаш да не се вратат.
Досега само три лица починале во вселената, космонаутите од мисијата Сојуз 11 кои доживеаа несреќа во капсула на висина од околу 160 километри кога се случил забрзан пад на притисокот на воздухот. Но, сè уште никој не е погребан во вселената, ниту пак нечиј труп е препуштен на влијание на елементарните сили од друго вселенско тело.
Затоа се отвора прашањето што би се случувало со тело на починато лице, доколку би останало на Марс?
Распаѓањето на телата на починатите на Земјата го забрзуваат микроорганизмите кои не постојат на Марс. Во тој случај, распаѓањето би го поттикнувале бактериите од самото тело. И тој процес би бил многу побавен, со оглед што ноќите на Марс се многу постудени заради ретката атмосфера.
Телото би замрзнало, спречувајќи го дејствувањето на бактериите, па би почнал многу бавен процес на мумификација. Она што и натаму би влијаело врз распаѓањето на ткивото, би била јонизирачката радијација. Се претпоставува дека таа е и главниот фактор за стерилизацијата на површината на Марс ако воопшто таму некогаш постоела некоја форма на живот. Но, сите тие процеси заедно се многу бавни, па многу веројатна е можноста и по 100 милиони години да опстанат коски од починато лице на Марс.
Доколку покојниот биде погребан, телото би било заштитено од радијацијата. Кремирањето практично е исклучено како можност, со оглед што би барало многу кислород и енергија, ресурси кои таму се неопходни за преживување. Можна опција е и телото да се рециклира. Но, биоетичарите ја исклучуваат и таа можност, со забелешка дека дури и општествата на кои очајно им треба материјал за компостирање, не би го практикувале тоа решение.
Но, тоа не е неизводливо. Некои табуа на вселенските туристи се кршат со години наназад, на пример со рециклирање на урината во вода за пиење и слични отпадни води. За компостирање или рециклирање на човечките тела, неопходно е да се прекрши уште една табу тема. Mars One не ги прецизираше начините на кои ќе се справува со телата на починатите во текот на експедицијата. Но, НАСА го направи тоа.
Астронаутот Крис Хадфилд објасни дека посебна група веќе работи на решавање на некои практични проблеми: со која брзина би се распаѓале телата, како да се реши непријатната миризба, како да се извести семејството на починатиот, како да се однесува одделението за односи со јавноста.