Насловна / Арт и дизајн / На Скопје му се случи празникот Петар Мазев

На Скопје му се случи празникот Петар Мазев

Синоќа во Скопје, во Национална галерија, објект „Даут пашин амам“, беше отворена изложбата на неповторливиот Петар Мазев. Неверојатно голем број на посетители се точеа во претесниот простор за една таква големина.

А внатре, експлозија, грми. Енергија, страст, борба на сликарот, бура, емоции прскаат на сите страни. Секавично се менува сликата, земаш воздух, подзастануваш и си викаш, ајде уште еднаш од почеток.mazev_1 mazev_2

И повторно истото чувство, истите емоции. Не знаеш каде да се свртиш и од каде да почнеш, каде да застанеш, каде да се задржиш, што да погледнеш. Мислиш секвенци од слики летаат пред тебе и само да подадеш рака и ќе ги фатиш. И на крајот заклучуваш дека треба да дојдеш друг ден, кога има помалку луѓе и да поминеш време со великанот, сама… , се друго е вишок.

За  Мазев е многу зборувано, знаеме речиси се, знаеме колку е добар, колку е квалитетен, колку е голем, колку е харизматичен, колку е имитиран, колку е следен, почитуван, емотивен, едноставно кажано, сликар до срж.mazev_8

Но не знаевме колку ни недостасува. Подзаборавивме од милион настани, импровизации, раскажувања за уметност, самонаречени уметници во недостиг на прави творци, што значи вистиснко творештво. Сликарот Симон Шемов кажа дека Перо никогаш не бил сентиментален кон своите дела, па така во недостиг на бело платно ги пресликувал старите слики, за да се фати моментот, емоцијата.

Другите околу него трчале овие дела да ги спасат и да ги сочуват. Од кого? Па од самиот творец. Но тој има право на се. Толку е голем, да се му е дозволено. Тоа ни кажува дека Мазев имал потреба да создава и тоа се гледа, и не му бил важен ни стилот, ни правецот, ни бројот на слики, ниту мислењата на другите. Само голем уметник може да се однесува така.

Мајсторот е во исто време, и густ и проѕирен, сензационален и духовен, современ и традиционален, вулгарен и нежен. И никогаш нема да ни биде доста од него, стално ќе ни недостасува и ќе бараме уште.

Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top