„Скопје има микроклима, изгор лета кочан зима“ – го слушам рефренот на Леб и сол и ми се наметнуваат многу горливи и актуелни прашања. Ги сакав топлите скопски лета, но ѓаволот ја однесе шегата. Климатските промени, најголемата закана на денешницата, зачукаа и на нашите врати. Последиците веќе сериозно се чувствуваат. Штетите од годинашните пожари што беснееа до скоро, па се изгаснаа благодарение на дождот, додека го пишувам овој текст допрва ќе се проценуваат, но секако се огромни и ненадоместливи, а ќе има и биолошки и економски последици.
Со децениската деградација и уништување на простори од витално значење, градот Скопје стана непрепознатлива верзија на она што беше, но стана и мачен за живеење. Во овие горештините кои ни се случуваа ова лето особено се чувствува колапсот во сите сегменти на живеењето. Скопјани живеат во хаотичен и нефункционален град. Затоа чувствувам потреба да се осврнам на зелената инфраструктура на градот и на последните зелени упоришта на околината. Неопходно е Градскиот парк, Парк-шумата Газибаба, реката Вардар со кејовите, Водно и сите зелени конектори на градот итно да се стават во фокусот на одговорните управувачки субјекти и да се обезбеди соодветно управување и нивна регенерација.
Реката Вардар ни е дар од природата, а крајбрежниот простор во сите досегашни планови е дефиниран како рекреативна зелена крајбрежна зона. Затоа се залагам за обнова на зелените појаси долж реката, секаде каде тоа во моментот е возможно, обнова и изградба на шеталишта со содржина и со урбана опрема. Крајно време е да се исчисти коритото на реката од галии, шут и друга непотребна инфраструктура.
Дали сте се запрашале има ли градот доволно рекреативни и зелени зони? Години наназад Скопје имаше излетнички и рекреативни места до кои можеше да се стигне и со градски превоз: Сарај, крајбрежјето на реката Треска, Матка, рекреативниот комплекс Езеро Треска. Особени носталгични чувства ми буди сеќавањето на излетиштето Сарај и бреговите на реката Треска, кои беа места за семеен пикник, средби, дружења и рекреација. Денес веќе не постојат. Матка можеби најатрактивната туристичка и спортско-рекреативна дестинација во околината на Скопје функционира со некакви диви кајаци и чамци со мотори кои загадуваат, додека течението на реката е исполнето со диви платформи. Исто така околината на Матка е исполнета со големи купишта ѓубре расфрлано насекаде.
Рекреативниот комплекс Езеро Треска, изграден со самопридонес на граѓаните на Скопје во периодот од 1975 до 1980 година, веќе не постои и доби друга намена. Просторот на рекреативниот центар беше одамна руиниран, запуштен и вон функција, но често ги потсеќаше жителите на градот на неговите златни времиња како култно место со мемориски вредности. Не е спорно дека беше потребен плански документ за негова обнова, ревитализација и услови за одржливост. Овој простор е извонредно значаен природен ресурс и претставува дел од оската рекреативен центар Сарај – рекреативно езеро Треска – рекреативно езеро Матка.
Неодамна Општина Сарај презентираше план кој опфаќа поголема површина и го вклучува и комплексот на езерото со максимално изграден комерцијализиран простор. Занемарен е фактот дека се девалвира еколошката вредност на овој комплекс, како зелена и рекреативна зона на градот. Планот го менува карактерот на просторот, ја менува микроклимата и се губат прекрасните визури кон Матка. Предвидувањето локации за викенд-куќи во непосредната околина на езерскиот простор претставува грубо приватизирање на простор од јавен интерес. Треска е простор во сопственост на Република Македонија и е од јавен карактер што треба да им служи на сите жители на градот и околината. Затоа е неопходно во процесот на планирање да се вклучат што повеќе фактори: урбанисти, еколози, архитекти, локална и централна власт, инвеститори и граѓански здруженија. Изготвениот предлог-урбанистички план е доставен до сите компетентни институции кои влегуваат во процесот на донесување на ваков вид плански документи. Не ми е познато дека некоја институција реагирала на некои аспекти на планот.
Водно, белите дробови на Скопје, планината од витално значење за овој град, во изминатиот период имаше доста непожелни случувања. На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање се донесе закон за прогласување на планината Водно за заштитено подрачје. Изготвени се предлог- граници и зони на заштита на заштитениот предел Водно. Градот Скопје е должен заштитата на природното наследство на територијата на заштитениот предел да ја спроведува преку воспоставување режим на заштита.
Близината и конекцијата на градот со околината на градот овозможува оддишка и одмор во околните викенд-населби кои на некој начин претставуваат зелени оази. Соње, Нерези, Скопска Црна Гора, Марков манастир се такви места кои се донекаде и на некој начин урбано организирани. Но, секој што прошетал низ населбите во периферните области не може, а да не забележи тренд на неконтролирана, непланска изградба, дива градба и урбан хаос. Постојат простори со мини викенд-населби и викендици без пристапни патишта и инфраструктура. Забележливо е дека во сите овие населби лежи огромен мртов капитал, бидејќи огромен број од изградените куќи поимот викендица го имаат заменето со двокатни, па и трокатни куќи за живеење кои во поголем дел од годината стојат заклучени, со запуштени и несредени дворови. Тешко дека можам да ги наречам зелени оази.
И додека светот, па и некои од нашите соседи сериозно се подготвуваат за налетот на климатските промени и глобалното затоплување, градат самоодржливи градови опкружени со зелени појаси, се чини дека ние пасивно чекаме без визија и стратегија. Затоа апелирам, на скопјани да им се вратат изгубените зелени излетничко-рекреативни места. Тие се насушно потребни, повеќе од кога било за да макар делумно ја амортизираат хаотичната бетонско-асфалтна состојба во градот.
Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.
KATASROFA