Сликата од сообраќајниот колапс пред Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе ја гледаме уште долго. Таа ќе стане уште пострашна со пуштањето на проблематичниот регионален пат од Сончев Град и Општина Сопиште преку зелените падини на Водно, од каде како цунами ќе се слеваат нови илјадници возила кон улицата „Мајка Тереза“ (Водњанска) и центарот на Скопје.
Веројатно нема фамилија од Скопје, па и Македонија, која не доживеала шокови при доаѓањето за медицински услуги и посета во болниците на Клинички центар, минувајки низ сообраќајниот хаос на влезот, битпазарскиот амбиент по сокаците, калкутската нехигиена, турканиците по ходниците, чекалните и здравствените единици. За загадениот воздух / на врвот во светски размери / па и за медицинските услуги кои многу често се под можните европски критериуми, нема потреба од коментар.
Во светски рамки, непишано / некаде и пишано / правило е по педесетина години користење, медицинските центри од овој карактер да се затвораат и целиот тој простор да се ДЕКОНТАМИНИРА и пренаменува. После седумдесетина години нашиот Клинички хорор центар е вистински срам за држава што претендира да биде дел од Европа и европскиот здравствен систем. Кога на сè ова ќе се додадат проблемите со изведба на НКЦ во кругот на постојниот, со неизбежна голема интервенција на седумте постојни болници и инфраструктурата, особено подземната, која е пред распад, единствен е заклучокот. НЕ Е МОЖНА изведба на нормален Нов Клинички центар (НКЦ) на постојната локација. Изведбата би била скоро невозможна мисија. Стотиците градежни машини, миксери, кранови, ужасот од прашината и буката при изведбата би довело до многу нови предвреме изгубени животи , нови НЕУСЛОВИ за пациентите и пеколна атмосфера на целата околина на Клинички во тек на наредните 5, 6… години изведба. И повторно сообраќајното решение и проблемот со паркиралишта останува постојана рак-рана, бескраен нерешлив јазол.
Ова е за прв пат после многу години стручната фела (архитектонско-урбанистичка, сообраќајна, медицинска, па и од други области) да ги наметне СТРУЧНИТЕ ДОМИНАНТНИ аргументи од потребата за бегство од постојниот КЦ, пред политикантските, но и други интереси.
И сигурни сме дека овој пат сиромавиот ќе плати само еднаш за да го добие вистинското за овој милениум.
И конечно и не така неважно, ова треба да биде гринфилд инвестиција и можност нашето градежништво заедно со светското (проектантско, технолошко и медицинско), да биде во игра да го подигне своето запоставено ниво на технолошки развој. Ова е огромна шанса на оваа генерација политичари, проектанти, градежници, медицинари, машински инженери и сите други од технички, но и од хумани науки, да направат нешто трајно за сегашниве, но и идни генерации. Ова е шанса Скопје да стане и регионален медицински центар што е еден од најголемите бизнис-предизвици за државата.
На наредните страници Порта 3 ви ги претставува ставовите на стручната фела која учествуваше во разработка на досегашните, се надеваме и идни решенија за Нов Клинички центар – НКЦ.