Хрватската компанија Plinacro и компанијата BH-Gas на крајот на април во Сараево потпишаа Меморандум за разбирање и соработка со кој Босна и Херцеговина е на пат да добие уште еден извор на снабдување со природен гас. Гасот во БиХ сега се добива само преку една точка односно само преку Зворник. Со оглед на фактот што речиси 90% од овој капацитет веќе е искористен, а во најава е приклучување на нови потрошувачи, наскоро овој единствен извор нема да биде доволен за снабдување на Федерацијата.
Меморандумот зборува токму за нови влезови на гас во БиХ. Постоењето на повеќе од еден извор на снабдување е исто така и обврска која произлегува од директивите на ЕУ за сигурност во снабдувањето, кои БиХ како членка на Енергетската заедница мора да ги исполнува. Гасоводот кој од Загвозд до Нов Травник би бил во должина од 160 километри се проценува на околу 80 милиони евра. Од компанијата BH-Gas веќе ја информираа јавноста дека доколку работите се одвиваат според планот, во наредните 12 месеци треба да бидат готови студијата за влијание врз животната средина, финансиските анализи и сл., по што би започнал процесот на експропријација на земјиштето.