Како што е познато, од 2035 година сите автомобили кои се продаваат во Европската унија ќе мора да бидат на електричен погон или на водород, односно од таа година ќе биде забранета продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување. Барем ова беше првичниот план, но сега постојат индикации дека оваа одлука е можно да се ревидира со цел заштита на компаниите и домаќинствата во ЕУ.
Имено, во Европа е присутна голема загриженост околу порастот на трошоците за живот, а конзервативните и десничарски партии во Европскиот парламент се залагаат постигнувањето на целта од 55% намалување на стакленичките гасови до 2035 година да се реализира со „помалку бирократија и повеќе технолошка отвореност“, односно да се внимава на стандардот на граѓаните и еконосмкиот раст во ЕУ. Германија уште минатата година изврши притисок врз раководството на ЕУ, да дозволи продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување и по 2035 година, под услов да работат на синтетички горива.