Истражувачката станица Њу-Олесун, сместена е во арктичкиот дел на Норвешка, на островот Свалбард, и е една од населбите најблиска до Северниот Пол. На ова место, воздухот е најчист на светот, но постојат две опасности – вашиот здив може да ги поремети атмосферските мерења, и мора да имате огнено оружје поради поларните мечки.
„Тоа е изразито непријателски крај. Кога одите таму, пожелно е да знаете да ракувате со огнено оружје“, вели Ана Филипова, која на ова место отишла да фотографира. Минала еден месец во октомври минатата година, во време кога немало баш многу сонце. Њу Олесун е место на кое воздухот е најчист на светот, и во кое се мери концентрацијата на јаглерод диоксид во воздухот.
Според податоците кои се добиваат во текот на тие мерења, научниците доаѓаат до заклучок со која брзина луѓето влијаат врз глобалното затоплување. Истражувачите на Арктикот можат тоа многу добро да го уочат, бидејќи последиците таму се манифестираат двојно побрзо.
„Не Ви треба диплома за да сфатите дека глобалното загревање го менува пределот пред Вашите очи“, вели Филипова. Додека фотографирала морала да реагира многу брзо. За фотографирање на еден атмосферски сензор имала само една минута, бидејќи при подолго задржување нејзиниот здив би влијаел на покажувањето на инструментот. Инаку, времето на нејзиниот престој се поклопува и со Самитот за климата во Париз, а научниците со кои таму комуницирала не биле баш ентузијасти во врска со овој историски договор за климата. Тие сметале дека промените треба да бидат уште подрастични од она што е договорено.