Насловна / Архитектура / На моќта единствено можеме да се спротивставиме со знаење

На моќта единствено можеме да се спротивставиме со знаење

Билјана Филиповска, добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2017 година

 

Добитник сте на повеќе награди и признанија за вашето творештво, но наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ е како круна на целиот Ваш професионален ангажман во сите сфери на архитектурата. Дали наградата ја сфаќате како завршеток на една плодна кариера или поттик за понатамошното творештво? Се вели дека вистинскиот творец создава сè додека живее.4H5A0095

-Кога ќе се најдете во друштво на македонски творци од кои сте учеле и чии дела сте ги набљудувале со страст за непрочитана книга, ви станува јасно кон каде оди вашата приказна. Не можам да се пофалам со некое хоби, освен страста кон патувањето кое пак е поврзано со истражување на градителско наследство или откривање на нова архитектура. Најверојатно и понатаму ќе се занимавам со aрхитектура, прашање е само во кој облик. Секогаш постои време и за „лебедова песна“.4H5A0113

Kaкo ja доживувате вашата кариера, во која група творци би се вброиле?

-Последниве години на светската архитектонска сцена се актуелни „stars architects“ кои создаваат „masterpieces“ на архитектурата со нив одбележуваат градови на светската мапа како одредници на масовно посетување. Од друга страна истиве автори влегоа во сериозни конфликти со своите инвеститори поради тешкотиите на одржливост на овие градби. Овие автори нормално имаа влијание и во нашата средина, па и кај нас се појави група архитекти, кои се обидуваат да творат ексклузивни архитектонски решенија кои често не можат да се преточат во проекти, или уште помалку да се реализираат. Се појави архитектура со изразена естетска намера, архитектура често сфатена како маркетинг и дизајн-тура. Јас не сум во таа група творци.

Своето образование сум го стекнала на Љубљанската школа за архитектура позната по својот рационален пристап. Заради големото влијание на професорот Равникар во наставната програма во тоа време, седумдесеттите години, скандинавските влијанија беа доминантни. Но воедно тоа беше и Плечникова школа каде што односот кон архитектонските елементи и кон архитектонскиот детал беше многу ценет. Во годините на оформување како творец работев во проектанско биро на голема градежна фирма која воведуваше нови технологии на градење и воедно ги филтрираше нашите проекти. Иако во тоа време ние бурно реагиравме на какви било интервенции во нашите проекти, од денешен агол тоа го гледам како значајно надополнување на нашите знаења како проектанти-неимари. Интервенциите секогаш биле во надополнување на обмисленоста на градбата и нејзината финансиска рамка прифатлива за инвеститорот.

Јас сум некаде тука помеѓу. За мене секогаш бил многу важен односот кон локацијата, опкружувањето, поставување на чист и јасен концепт кој овозможува негово повеќенаменско користење, да не се испушти ни по некој симбол и архитектонски детал. Естетиката сум ја барала во проценката каде е потребно да поставите гласна архитектура која ќе биде репер во просторот, а каде треба да бидете сиво камче во мозаикот кој претставува надополнување во создавање улица, кварт, град. Функционалната вредност на објектот во двата случаи се подразбира.11406785_10153931281432080_6052538838082764257_n

Во Вашата биографија е наведено дека кога сте пристигнале на студии во Љубљана, во 1968 година во една зовриена атмосфера на промени и студентски демонстраци, тоа влијаело на Вас да се формирате како личност со либерален дух. Сметате ли дека архитектите имаат обврска како припадници на една јавна професија да бидат општествено активни?

-Архитектите како припадници на јавна професија пред сè треба да бидат максимално одговорни и како творци-проектанти  и како создавачи на градби – реализатори  и како едукатори кои ја читаат и толкуваат архитектурата, тоа е нивната најважна општествена активност. Но, и освен тоа, тие како  индивидуалци-интелектуалци  и низ професионалните здруженија сметам дека е нужно да застанат во одбрана на вредниот простор за човековото живеење и да застанат во одбрана на својата професија, така се остварува и нивниот контакт со граѓанството и се создаваат услови да се дебирократизираат и деполитизираат активностите околу формирањето простор кој сите го користиме.

Активностите на младите колеги од Архибригада, на активистите од  Плоштад слобода, активностите околу спасот на ГТЦ мислам дека почнаа да ја менуваат свеста за поврзувањето на граѓанството со професијата и заедничката борба во реализирање на околината како подобро место за живеење.4H5A0059

Дел сте од, како што сами го нарековте на врачувањето на наградата, „женскиот“ проектантски тим за рекреативниот центар „Езеро Треска“. Го истакнавте како мошне значаен проект и за Вас и за државата. Сметате ли дека постои начин и дека треба да се вложат максимални напори да заживее тој одличен комплекс?

-Рекреативниот центар „Езеро Треска“ беше култно место за скопјани и околните населби. Тој простор доби и додадена вредност со поставување на камп- приколки, па граѓаните го користеа многу интензивно.Ezero Treska

При ревитализација на тој комплекс потребно е да се решат неколку клучни проблеми, најнапред филтрирање на водата која со влева од реката Треска, возобновување на угостителските објекти и нешто што е можеби најважно интегрирање на комплексот со околните населби. Околното население треба да почувствува дека активирањето на комплексот носи и економска добробит. Претходните обиди пропаѓаа поради тензиите во тој нереално убав простор.  Мислам дека сега сме во фаза на остварливост на заживување на комплексот и силно го поддржувам тој проект.

На обраќањето го спомнавте и вашиот објект Поштата на плоштадот во Неготино изграден во 1979 година. Истакнавте дека заедно со Стоковната куќа во Неготино е пионер на урбанизацијата на градот и формирање на една градска слика која во тој период била мошне важна за модернизација и урбанизација на нашите градови. Каде оди урбанизацијата на нашите градови, особено на Скопје?

Интензивната урбанизација на повеќето помали места се одвиваше во седумдесеттите години, кога од полурурални средини израснуваа во градови. Тоа беше политички проект. Кога се формираа централните градски простори се поставуваа значајни јавни објекти, пошти, културни домови, стоковни куќи и по некој хотел.Poshta Negotino

Урбанизацијата на градовите поприми друг тек со наплив на првобитен облик на либералниот капитализам кој никој не го именува како таков, туку се зборува за  транзиција.

Не сум специјалист во областа на урбанизмот, но сум заговорник на полиберален пристап кон урбанизацијата. Архитектурата и потребите на животот го градат просторот, а не кабинетско-смислени планови. Огромниот број дивоградби тоа го потврдува, а за жал  проектот „Скопје 2014“ го демантира овој мој став.

Како понатаму? Очигледно е дека во рамките на големите урбани целини во Европа и светот постојат квартови. Тие често се и самоодржливи, тука  се одвива домување, работа, забава, спортски, културни активности… Мислам дека овој принцип може да важи и за Скопје, градот веќе и живее на тој начин и јас не гледам ништо лошо во тоа. Аеродромци да си имаат свои култни места на социјален живот, чаирчани свои… Со развојот на локалната самоуправа се разви и некоја конкуренција во развојот на општините, па тоа потпомогна за порамномерен развој на целиот простор, тука пред сè мислам на Скопје.

Урбанизмот треба да го регулира сообраќајот, да ги заштити јавните простори за потребите на граѓаните (зеленило, пешачки зони, плоштади) да се обиде да ја регулира густината на градбата и да се обиде да овозможи што полиберални услови за реализации на градби. Потребата од намената на изградениот простор ја одредува пазарот, односно потребата на граѓаните. Во такви услови на урбанизам општините треба да ги регулираат и да ги штитат потребите на граѓаните, да не прават директни спреги со бизнисот во реализација на профити. Конечно мора да се најде рамнотежа помеѓу тие два интереса, наместо во конфликт да бидат во корелација.

Што се однесува конкретно за урбанизацијата на помалите места, кои можат да овозможат многу квалитетен начин на живеење, таа е директно врзана со економскиот развој. Раселувањето е присутно насекаде во бившите ЈУ-простори, присутно е во помала мера дури и во поразвиените средини како што се Хрватска и Словенија. Светот е глобално село и секој си го бара своето место каде што мисли дека најуспешно ќе се реализира. Но, по онаа народната „секој петел на свое буниште пее“ можеме да очекуваме ренесанса на помалите македонски градови дури откако ќе се оствари позначаен економски развој. Да се надеваме дека еден ден и ќе се успее во тоа, бидејќи нашиот целокупен простор со својата погодна клима и со своите богати природни ресурси овозможува квалитетни услови за живот.4H5A0067

Една сте од ретките архитекти која активно, без прекин, се занимава со проектирање повеќе од 40 години. Како ја оценувате ситуацијата во областа на проектирањето денес?

-Тоа искуство од 40 години ми дава за право да ја искоментирам моменталната состојба во проектирањето со ризик да се замерам со мноштво помлади колеги кои ја развиле својата професија во овие транзициони услови.

Воведувањето на компјутерите во процесот на проектирање и достапноста на информациите преку интернет за сите кои се заинтересирани за градба, од една страна е многу корисна алатка, а од друга страна сè повеќе ја деградира  нашата професија.Crtez od konkurs 1979 za Dom na revolucija vo Shibenik

Притоа мислам на две многу негативни појави. Денес лесно доаѓате до готови проекти во dwg формат, што би се рекло лесно употребливи за компилација и плагијат, мноштво колеги проектирањето го практицираат не како обмислен и креативен процес во рамките на конкретна задача, туку како copy paste активност. Тоа во некои случаи би било и корисно доколку имате селективен однос кон елементите што ги употребувате, но најчесто тоа е грубо задирање во туѓо авторско право. Сè повеќе се губи задоволството кога седнувате сами пред празен лист хартија и изнедрувате максимум од себе.

Втората појава се однесува на комуникација инвеститор–проектант. Инвеститорите веќе ретко се впуштаат во „авантурата“ креирање на градба од страна на претходно внимателно одбраниот проектант, туку доаѓаат со готови слики и решенија кои вие треба само да ги преточите во техничка документација. Каде е вашата улога? Тука нема игра, тука нема креација, тука нема вистина. Сè е преточено во  лага на погрешно место и во погрешно време.

Сепак пазарот за проектирање има потреба од добри проектантски тимови. Потребни се  мултидисциплинарни  фирми  каде има кадар од повеќе генерации и можност за преточување на искуства и знаења кои можат сериозно да се справат со подготовка на техничка документација на сложени објекти и комплекси и да создаваат кадри за одржување на професијата проектант во сите сфери, не само во архитектурата. Таквите фирми можат успешно да се пласираат и во меѓународни услови, тоа е шема што функционира во светот. Фирмите во кои работев тоа го можеа, се работеше за Ирак, Либија, Русија и низ просторите на бивша Југославија.

Добредојдени се и помали проектантски бироа, спремни за помали проектантски задачи кои често и полесно комуницираат со инвеститорите, овозможуваат  креативна атмосфера за негување на проекти за ентериери и помали проектни задачи.

За жал во моментов проектирањето во Македонија е дејност која е расцепкана и се одвива индивидуално или во мали тимови од една генерација, со исклучок на неколку бироа кои едвај преживуваат. Посериозен проект скоро и не можете да реализирате ниту на ниво на архитектура, ниту мултидисциплинарно.

Голем проблем претставуваат и новоформирани градежни фирми кои градат станови за пазар и вработуваат по еден проектант со минимален личен доход кој ги сервисира нивните желби.

Можеби добрата страна на оваа состојба е поголемата  конкурентност поради постоење на многу мали фирми, па испливаа некои  млади креативни творци. Но,  истовремено нелојалната конкуренција овозможи сериозно деградирање на критериумот што значи сериозно подготвен проект, кој ќе овозможи и квалитетна градба.

Што е тоа што треба да го сториме за да го вратиме достоинството на професијата и да можеме да живееме од проектантската работа?

-Нашата професија е од понов датум за разлика од европските традиции. Андреја Дамјанов е прв персонализиран творец–неимар  на овие простори од 19 век,  затоа сум и горда на наградата. Кај нас сè уште е моќно вградена свеста за мајсторски тајфи градители, па често архитектот во процесот на градење е нужно зло, дотолку и нашата улога е поодговорна и потешка. Таа професија во светот е помеѓу петте најреспектабилни професии. Проектантите беа почитувани во социјалистичкиот период кога беа доста цврсто одредени правилата на игра при реализација на секоја инвестиција. И сегашниот Закон на градење е во корелација со европските стандарди и има добро дефинирани правила на игра, но нашиот балкански талент да ги изиграме правилата на игра, нè доведе до ситуација каде сè е можно и ништо не е можно.

Како прв чекор е нужно дефинирање и заштита на цената на проектирање за да не замре професијата проектант во сите дисциплини, инаку ќе дојдеме во ситуација да увезуваме проектанти. Навредливо ми е кога странски инвеститори кои доаѓаат  во Македонија ми носат готови проекти за заверка. Во мојот работен век сум работела за странство многу сериозни комплекси, би сакала и понатаму да се негува кадар кој ќе се пласира на меѓународен пазар.Poshta Shtip

Со децении сте активно присутни во ААМ, дали како претседател на Собрание, член на комисии, селектор на БИМАС. Дали Асоцијацијата на архитекти и Комората на овластени архитекти и инженери имаат доволно капацитет и моќ да влијаат на позицијата на архитектите во општеството и во подобрување на условите за работа?

-ААМ, Комората на овластени архитекти и инженери се здруженија на професионалци. Најмногу што можат да помогнат е да ја подигнат свеста за значењето на професијата, доедукацијата и да се изборат како учесници во процеси на донесување одлуки од доменот на професионалното делување, односно да ја вратат институцијата „Конкурс за идејно решение“. Непримерно ми е веќе да ја повикувам Комората да си ја заврши својата обврска околу ценовникот за проектирање.

За постземјотресната обнова на Скопје, објектите на модерната и брутализмот е зборувано многу. Излегува како да немаме што повеќе да кажеме за нашата архитектура или дека повеќе зборуваме за архитектура отколку што ја  создаваме. Кои објекти според Вас изградени во нашиот град последниве 20-тина години заслужуваат особено внимание?

-Периодот после земјотресот беше период на обнова, интензивна градба и многу ентузијазам. Тогаш се појавија извонредни архитектонски решенија кои го одбележаа градот на светската мапа на креативни архитектонски творби, и почна да се реализира урбанистичкиот концепт на Кензо Танге. Такви периоди тешко се повторуваат во историјата на еден град. За жал кога секнаа финансиските средства почна да настанува и застој во развојот на градот, а особено на неговиот центар.

И покрај сите критики последниве дваесет години градот сè повеќе добиваше урбан карактер. Се направија значајни булевари, кружни текови, се проширија многу сообраќајници. Некои делови од градот покрај значајните сообраќајници се реурбанизираа со нови градби на местото на старите, често супстандардни или напуштени куќи.

Јас не сум од тие носталгичари кои тажат по скопските маала, иако сум родена и израсната во Скопје. Јас повеќе тажам што при реурбанизацијата на тие маала се дозволи преизграденост, нерегулиран сообраќај и необновена комунална инфраструктура. Урбанистичките планови не го предвидоа градежниот бум во првото десетлетие на 2000–тите години како резултат на големата потреба од нови станови и решавање на станбените проблеми на староседелците на тие маала кои немаа економска моќ сами да ги возобноват своите семејни куќи, ниту го зедоа предвид фактот дека се работи за централно градско подрачје, а уште помалку се предвиде и економската оправданост при трансформацијата на градбите.

Париз го добива својот денешен обожуван изглед со рушење на преку 20 илјади постојни објекти. Мислам дека требаше да се искористи тој период на концентрација на поголеми парични средства и порадикално да се реурбанизираат некои делови на градот Скопје од централното градско подрачје.

После земјотресот во Скопје се реализираа некои извонредни архитектонски остварувања како Универзитетскиот центар, објектот на Македонската опера и балет, комплексот на Поштата и телекомуникациите и слично, но, едновремено не се решија проблемите на одржливост на овие градби во прагматична смисла.

Јас не сакам да ги гледам објектите сами по себе вон контекстот. Ако ги гледате како посебни градби има успешни градби низ Скопје со современ израз и со употреба на нови технологии, тоа е групацијата на објекти зад Хотел „Мериот“, но тие  делуваат како макети во просторот, не влегуваат во градското плетиво. Поуспешно решение ми се чинат деловите од блоковската изградба покрај булеварот „Партизански одреди“ пред пазарот „Буњаковец“ кои започнаа со ткаење на модерно градско ткиво.

Јас повеќе би сакала да ја гледам архитектурата која создава здрав амбиент, отколку како процес на создавање на ексклузивни градби.Olimpiski Bazen

Зошто ни се случи „Скопје 2014“? Можевме ли, требаше ли да направиме повеќе да го избегнеме?

-„Скопје 2014“ ни се случи зашто предолго се остави централното градско подрачје надвор од секакви градежни активности, иако Републиката и Градот имаа потреба од јавни и административни објекти кои, ако сакате, требаа да бидат и неизбежно поврзани со осамостојувањето на државата. Како симбол на нејзиното осамостојување не се изгради ниту еден објект. Имаше потреба од нов Парламент, нова Претседателска палата, објект на нова Влада, а немаме ни ден денес Градска куќа на престолнината на Републиката.

Проектот „Скопје 2014“ влезе да го пополни тој простор на сосема погрешен начин, и од урбанистички и од архитектонски аспект.

Од урбанистички аспект, наместо да се пополнат црните дупки во централното градско ткиво, со повеќе урбанистички планови наменети за јавни и административни функции, мислам пред сè на просторот спроти Хотелот Холидеј Ин и просторот спроти Народна банка, со градбите се газеше врз улици, кејови, врз со години востановени паркови и зелени површини, врз јавни површини. Се брзаше со реализацијата на однапред востановената замисла, без да се искористат инвестициите, да се расчистат со години напуштените локации на градот.

Од архитектонски аспект, се случи бришење на историјата на архитектурата на градот со преобликување на постојните објекти во некои замислени стилови по нарачка.

Дали можеше  да се спречи ? Не можеше. Тоа беше политички проект на влада која не соработуваше со граѓанството. Сè додека таа се одржуваше на власт со голем интензитет го реализирше тој проект. Залудни беа сите граѓански иницијативи, кога неколку последователни избори беа во полза на реализаторите и тие ја толкуваа таа ситуација како потврда во исправноста на тој проект.4H5A0072

Со промената на власта многу се очекуваше за архитектурата, како да „Скопје 2014“ ќе исчезне само од себе. Сега има некои срамежливи најави, но повеќе за спомениците, дека ќе се отстрануваат, што реално е и најлесниот дел од проблемот. Според Вас што треба да се направи со објектите од „Скопје 2014“?

– За нас архитектите кои со години укажувавме на погрешноста на тој проект би било важно, да се сруши барем еден објект кој уништил јавен простор, да се симне лажното руво барем на еден објект кој го изгубил својот идентитет, и да се расчистат спомениците кои го загадуваат просторот. Тоа е важно како симбол на борбата на архитектите и граѓанството кое сакаше да го спаси градот, и како порака на секоја следна власт за потребата од заемна соработка помеѓу власта, консументите на просторот и професионалците во градење на заеднички простор за  сите.

На едно предавање на факултет професорот Константиновски велеше дека архитектот мора да поминува време со инвеститорот, да го образува и да го учи архитектура, како би добиле добар објект. Капиталните објекти секогаш се нарачка од позиција на власт или моќ. Потребно ли ни е да направиме анализа во кое културно и морално милје израснале луѓето кои имаат власт, пари и моќ за да разбереме каква архитектура посакуваат и да успееме да го спроведеме тоа на што нè учеше професорот?

-Ние сме мала средина, со скромни економски можности, но вистинската архитектура може да се создава секаде околу нас. Мораме да се едуцираме да одговориме и на сериозни предизвици од нови технологии, од создавање на услови на максимална заштеда на енергија при експлоатација на објектите,  критичка употреба на  материјали во зависност од средината во која делуваме.

Не треба да се откажуваме од макотрпното аргументирање на позициите на проектот кој го заговараме. На позицијата на моќ единствено можеме да се спротивставиме со позиција на знаење. Јас секогаш ги  раздвојувам објектите од јавен карактер, каде архитектот мора да има доминантна улога без разлика дали е инвеститор државата или некој приватен инвеститор, од оние кои се за индивидуална употреба на семејството, тука соработката обично треба да  заврши во полза на нарачателот.Plakat 3

Верувате ли дека архитектурата може да го направи светот подобро место за живеење?

Мојот одговор е апсолутно, да. Градејќи куќи ние создаваме простор за живеење кој нè брани од надворешни влијанија, но истовремено комуницира со тоа што е надвор. Секоја куќа учествува во заедничката слика на нашето опкружување, учествува во создавање на меѓупростори, во создавање на населени места, во создавање на градот. Архитектурата по своето значење е длабоко поврзана со човечкиот живот и извира од потребите на човековиот живот, таа исто така е поврзана и со естетиката низ развојот на сите цивилизации. И во најстарите  живеалишта, пештерите, човекот го естетизирал својот простор со цртеж.4H5A0108

Добрата обмислена архитектура поврзана со природата и нејзините закони, поврзана со потребите на  животот, поврзана со потребите за естетика создава простор на сигурност, но и простор за радост и задоволство. Ако човекот и заедницата се таргет во архитектурата и светот станува подобро место за живеење.

Нема поголем загадувач на околината од погрешно поставените градби, од погрешна архитектура. Тие неповратно го уништуваат просторот, ја менуваат климата  и ја разградуваат околината што е  наше заедничко добро.

4H5A0087

Испрати коментар

Scroll To Top