Петтиот Конгрес за брани во организација на Здружението Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ), предвиден е да се одржи во период од 30 овој месец до втори октомври, во Струга.
Петтиот конгрес за брани во организација на ЗМКГБ претставува продолжение на активностите на Здружението во изминатиот период. Главната цел на Конгресот е да се претстави искуството на членовите на MACOLD и на сите инволвирани во Инженерството за брани, кај нас и во регионот, стекнато при истражување, проектирање, изградба и одржување на браните со придружните објекти. Воедно, со одржувањето на Конгресот, ќе им се даде можност на учесниците да дискутираат за различните аспекти по предложените актуелни теми, усвоени на Седница на Претседателството на ЗМКГБ.
Работниот дел на Конгресот ќе се одржи во хотел Дрим, Струга, додека во последниот ден е предвидена стручна посета на камена брана со асфатна дијафрагма со придружни објекти – во фаза на градба. Котизацијата за учество на Конгресот изнесува 3,000 денари. Покрај членовите на ЗМКГБ и на националните комитети за големи брани од регионот, за учество на Конгресот се поканети сите што се инволвирани во Инженерството за брани, односно вработени во државни и научни институции, енергетски, водостопански и комунални претпријатија, како и во градежни и инженеринг компании. Учесниците на Конгресот ќе добијат Потврда за континуиран професионален развој од КОАИ бодирана со 4 CPD.
Теми на конгресот се Истражување и проектирање на хидротехнички објекти, Искуства од градење на брани и хидројаловишта, Одржување, оскултација и санација на брани и придружни објекти, Регулатива, финансирање и оперирање со хидросистемите.
За успешна организација на Конгресот, се известуваат учесниците дека мора да поседуваат COVID-19 сертификат за вакцинација и задолжително да се придржуваат кон здравствените протоколи.