Во шведскиот дел од Арктик, домородните народи се соочуваат со сериозни последици од климатските промени што може да ги остават без нивните ирваси. Истражувањата покажуваат дека само еден дожд или еден лош ден можат да уништат цела сезона на пасење за ирвасите.
Народот Сами во Шведска, се грижи за осум илјади ирваси во текот на целата година, мигрирајќи меѓу традиционалните пасишта во високите планини што граничат со Норвешка во текот на летото и шумите на исток во зима.
Оваа традиционална шема што служеше добро за безброј генерации сега е, како резултат на глобалното затоплување, пред тежок испит.
На Свалбард умреле околу 200 ираваси и тоа најверојатно поради глад.
“Ирвасите не можат да најдат храна. Дождот создаде слој мраз во снегот под кој елените не можат да ги намирисаат лишаите“, вели Нил Инга, одгледувач на ирваси.
Оваа година, само половина од стадото пристигна во зимските услови. Другите се вратија на планините каде што нивните шанси за опстанок се минимални.
“Зимата овде трае осум месеци од годината. Кога лошите услови за пасење почнуваат во октомври, ситуацијата само се влошува. Ако не најдеме подобри области за ирвасите, каде можат да најдат храна, тие ќе умрат од глад“, додава Инга.
Арктикот се затоплува двојно побрзо од остатокот на светот. Мерењата од шведскиот институт за метеоролошки и хидролошки истражувања покажуваат дека земјата загреала 1,64 степени Целзиусови во однос на прединдустриското време. Во шведскиот планински регион просечните зимски температури во последните 30 години се зголемени за три степени во однос на просекот од 1961-1990 година.
Промените имаат погубни последици. Ирвасите стануваат послаби, женките имаат спонтани абортуси. Ако процесот не запре, можеби санката на Дедо Мраз, наместо Рудолф и пријателите, ќе биде влечена од роботи.