Стоeв на Плоштад Македонија и чувствував како од левата страна на реката Вардар преку Kамениот мост во бранови ме заплискува енергија на радост. Подзамижав да видам.Од левата страна на црквата Св. Димитрија по раскошните скали од матичната зграда се спушташе млада брачна двојка. Сите ги гледаа и им се восхитуваа. Беа вљубени и среќни. Но, сега требаше да го минат лавиринтот што беше направен од зеленило од градските власти како симбол на животот. Имаше еден влез и eден излез.
Во него можеа да влезат само штотуку венчаните двојки и да си ја испробаат среќата на првата пречка во животот. Мораа да го најдат излезот каде што ги чекаа сватовите во градината од рози и фонтани опуштени со коктел и расположени за фотографирање. Скопјани овој плоштад го нарекуваа Плоштад на среќата. Тој претставуваше дете на среќата кое се наоѓаше меѓу таткото Камениот мост и мајката Старата чаршија.
Од плоштадот на среќата често пати, ако имав потреба за душевна храна која како дневна доза морав да ја примам, се упатував на исток по мермерните скали меѓу банката и Музичката академија до Плоштадот на уметноста. Тој беше составен од три објекти кои креативноста на своите станари ја подаруваа на реката, што со својот жубор сакаше да учествува во целата приказна. Таму беше стаклената, транспарентна, индискрента зграда од Музичката академија, низ чии прозорци можеа да се видат и чујат милозвучните тонови на измалтретираните инструменти од рацете на нашите деца. На плоштадот се наоѓаше објектот што се среќава на сите разгледници, а тоа е белиот ненаметлив, софистициран, стабилен објект на Македонската опера и балет. Тој беше огледало на внатрешната величина од претставите што ги изведуваа нашите врвни уметници. Меѓу овиe два објекта се наоѓаше Македонската филхармонија. Таа со својата архитектура претставуваше крешендо во просторот. Семејството од три објекти претставуваше сценографија на Плоштадот на уметноста што каскадно се спушташе кон реката облагороден со годишната изложба на скулптури од студентите на Академијата за вајарство и уметничките слики сместени во прозирните стаклени павилјони во кои може да се ужива движејќи се крај нив. Најубава слика на плоштадот се дедовците и бабите кога ги шетаат своите внуци крај уметничките дела раскажувајќи им за уметноста, што секојпат беше различна. Но, сето ова би била мртва сценографија кога би го немало звукот на младоста. Тука би имало простор каде би се свирело за своја душа, за друштво или пак желба да се претставиш. Плоштадот на уметноста ќе биде плоштад на младите креативци кои својата енергија нема да ја презентираат преку графити, туку преку уметничка креативност.
Ако продолжиш на исток ќе стигнеш до Плоштадот на мудроста кај Црквата Света Богородица.
Се надевам дека еден ден ќе го видам и плоштадот на зрелоста Плоштадот Македонија.
Мила Искреновиќ