Потребен е инфраструктурен фонд од околу 150 милијарди евра (155 милијарди долари) за долгорочно финансирање на ослабената железничка мрежа на Германија, според претседателот на надзорниот одбор на железничкиот оператор Deutsche Bahn.
„Железниците имаат проблеми и мора да се подобрат. Инфраструктурата е премногу стара, пренатрупана и премногу подложна на прекини“, изјави Werner Gatzer за германскиот магазин Focus и додаде: „Мислам дека ќе бидат потребни најмалку 150 милијарди евра за инвестиции во инфраструктурата во следните 10 години“.
Gatzer вели дека долговите што државата треба да ги преземе за ова се подносливи со оглед на се помалото учество на долгот, нагласувајќи дека „мора да се создадат услови за да можеме побрзо да инвестираме“.
На почетокот на 2024 година, германскиот министер за транспорт Volker Wissing предложи инфраструктурен фонд, во кој би биле вклучени приватни инвеститори, за финансирање на инфраструктурата во земјата. Сепак, конкретни детали се уште не се утврдени.
Исто така идејата за фонд ја поддржаа и индустриските здруженија. Со оглед на далекусежните проблеми со националната железничката инфраструктура, веруваат дека е потребно долгорочно финансиско решение што ќе и понуди сигурност на индустријата за да се зголеми капацитетот и да се намалат трошоците за изградба.