ЕУ ќе мора на разни начини да складира енергија, со цел да ја достигне својата климатска цел – нулта емисија на јаглерод до 2050 година. Европската унија до 2030 година би можела да стане зависна од увоз на литиум – јонски батерии и горивни ќелии од Кина, исто како што пред војната во Украина беше зависна од руските енергенти. Ова е предупредено во документот кој ќе биде основа за претстојната дискусија на лидерите на ЕУ за економската сигурност во шпанска Гранада.
Побарувачката за овој вид стока во наредните години ќе забележи раст од 10 до 30 пати, предупредуваат авторите на документот, а ЕУ веќе сега е зависна од КИна во однос на литиум – јонските батерии и горивни ќелии. Но, тоа не се единствените подрачја во кои ЕУ е ранлива. „Слично сценарио е можно и во областа на дигиталните технологии, а прогнозите сугерираат дека побарувачката за дигитални уреди како сензори, дронови, и сл, нагло ќе порасне во оваа деценија“, се вели во документот. Авторите тврдат дека ЕУ има „релативно силна позиција“ во подрачјето на мрежи за пренос на податоци, но истовремено „покажува значајни слабости“ во другите споменати сфери.