Референдумот во општина Гевгелија на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат по прашањето: дали сте „за“ или „против“ отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија, ќе се спроведе на 23 април.
Овој датум го утврди Државната изборна комисија, а синоќа на вонредна седница беше едногласно прифатен и од членовите на Советот на општина Гевгелија. Тие го потврдија својот став од претходната седница дека на планината Кожуф не постојат никакви услови за отворање рудници за злато и побараа граѓаните на општина Гевгелија масовно да излезат на референдумот и со својот глас „против“ да го заштитат пред се здравјето на идните поколенија и природните убавини на Кожуф.
Потребните списоци и гласачки ливчиња ќе ги подготви Општинската изборна комисија, а беше договорено да бидат изработени големи билборди, флаери и плакати. Покрај ова, беше одлучено градоначалникот Иван Франгов и советниците уште од денеска да ја почнат кампањата за информирање на жителите на општината со цел референдумот за спас на Гевгелија да биде успешен.