Проектот за изградба на катната гаража до Собранието не доби позитивно мислење од Министерството за внатрешни работи. МВР утврди дека изградба на комерцијален објект до Собранието е безбедносен ризик и може да предизвика импликации во работењето на институциите.
„Организациските единици на МВР и други институции кои се засегнати со ова прашање одржаа работен состанок и утврдија дека евентуалната изградба на катна гаража во непосредна близина на Собранието на РСМ и Домот на АРМ би претставувала безбедносен ризик и не е исклучена можноста од постоење на импликации во однос на секојдневното функционирање на виталните објекти. Согласно тоа, Министерството за внатрешни работи, имајќи ја предвид безбедноста на објектот Собрание на РСМ кој е од витално значење, не е во можност да заземе позитивен став по однос на изградбата на катната гаража во непосредна близина на Собранието на РСМ“, одговорија од МВР на прашањата на „Само прашај“.
На одговорот од МВР се чекаше со месеци – уште во март Владата и Собранието побараа од Министерството да направи проценка дали ваквата комерцијална гаража е ризик за безбедноста на Собранието како објект од витално значење – но институциите како да се затекнати од барањето, пишува „Само прашај“.
Битката за сопственост на оваа локација започна уште во 2009 година, кога Министерството за транспорт за првпат ја понуди атрактивната локација на лицитација. Прв газда е „Макоил“, кој не започна со изградба на подземна гаража во законскиот рок, по што во 2013 година, Министерството за транспорт и врски организира нова аукција за истата локација. Земјиштето го купува фирмата „АНГО“ ДООЕЛ, која следната година добива и дозвола за градење, но не на подземна, туку на катна гаража, поради усвоените измени на ДУП-от за „Мал ринг“, со кои на ова место беше вцртана површина за градење за катна гаража.
Две години подоцна, во 2016, тогашниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ го поништува одобрението за градење, зашто фирмата не започнала со градба во законски предвидениот рок. Компанијата, преку својот правен застапник, адвокатот Панче Тошковски, на двапати поднесува тужба против решението на општина Центар и посакуваната пресуда ја добиваат во 2021 година, кога Управниот суд носи одлука во нивна корист.
Компанијата „АНГО“ ДООЕЛ водеше правна битка за да си го врати одземеното одобрение за градење на оваа локација. Управниот суд ги прифаќа сите аргументи на „АНГО“ ДООЕЛ и заклучува дека Општина Центар и комисијата во Министерството за транспорт, кои тврдеа дека до истекот на законскиот рок не биле започнати никакви градежни работи, ја оштетиле компанијата. Со пресудата на која страните повеќе немаа право на жалба, компанијата си го врати поништеното одобрение за градба, а обидите за враќање на земјиштето во државна сопственост беа стопирани.
Повеќе за ова можете да прочитате на „Само прашај“.