Френк Гери, прославен американски архитект со канадско потекло, го откри проектот на Центарот Колбурн, зграда која предвидува проширување на кампусот на познатото училиште за музика и танц за повеќе од девет илјади квадратни метри.
Центарот ќе служи како културно и граѓанско седиште во срцето на центарот на Лос Анџелес, благодарение на планираните јавни програми, како и концертните и едукативните соработки со локални и гости уметници.
Лоциран низ постоечкиот кампус на училиштето Колбурн, Центарот ќе ја комплетира функционалноста и архитектурата на претходно изградените објекти, кои во просек одржуваат над 500 претстави годишно, пишува ArchDaily.
Новиот комплекс, кој треба да почне со работа во 2023 година, заедно со проектите во областа – недовршената зграда со мешана употреба Гранд и познатата концертна сала Волт Дизни – ќе ја претставуваат најголемата светска концентрација на објекти дизајнирани од Френк Гери на едно место.
Проектот предвидува формирање на композиција од проѕирни и нетранспарентни блокови кои меѓусебно се поврзуваат и го следат природниот преглед на локацијата.
Проширувањето вклучува формирање на концертна сала со илјада седишта, чиј внатрешен дизајн промовира поблиски визуелни односи меѓу изведувачите и публиката, поставувајќи ги седиштата од прво ниво на ниво со изведувачите.
Исто така, салата ќе биде опремена со т.н оркестарска дупка, како и сцена доволно голема за да ги собере дури и најголемите ансамбли.
Четири студиа за танц со професионална големина, како и флексибилен студиски театар со сто седишта, се „завиткани“ со стаклени фасади, обезбедувајќи визуелен пристап до вежбите и изведбите што се случуваат во внатрешноста.
Центарот ќе биде опремен со мултимедијална технологија и опрема за продукција, вклучувајќи капацитети за снимање и стриминг и простори за изведба.
Кога станува збор за јавните простори, отворениот плоштад е планиран како составен дел на проектот и овој простор – поради својата положба, но и дизајнот на објектите – ќе биде место од кое ќе може да се гледаат различни програми за изведувачки уметности.
Планирано е градините да бидат распределени низ целата локација со цел да се обезбедат доволно зелени површини, како и пријатен пешачки пристап до блиските центри на јавниот простор.