Денес, во Велес во рамките на програмата за одбележување на 18 Мај – Меѓународен ден на музеите, Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) организира советување на тема „Музеите за одржливо општество“.
Во партнерство со Здружението „Син штит“ и Општина Велес, а со логистичка и финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, во програмата ќе биде вклучен и Форум на МНК „Син штит“ на тема „Локалната самоуправа и заштитата на културните и природните добра во катастрофи предизвикани од човекот и природата“. Локацијата на која ќе биде одржано советувањето е Ликовниот салон при ЛУ Народен музеј Велес.
Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) е доброволно, непартиско, невладино, непрофитно и стручно здружение на музејските работници и на граѓаните на Република Македонија. Во него членуваат музејски стручни лица (вкупно 112) и музеите, а програмите се финансиски поддржани од Министерството за култура на Република Македонија.