Музејскиот комплекс Louvre Abu Dhabi треба конечно да се отвори до крајот на оваа година, и се чини дека ќе биде навистина импресивен.
Иако неговото официјално отворање било најавено неколку пати, се чини дека оваа филијала на славниот париски музеј Лувр, конечно ќе се отвори до крајот на 2016 година.
Во прилог на овој податок, одат и новите визуелни решенија што се појавиле во јавноста на Louvre Abu Dhabi во Абу Даби, кои претставуваат еден вид приказ на повеќе архитектонски форми.
Според архитектот Жан Нувел, музејот е дизајниран во форма на комплекс од дури 55 објекти. Неодамна се отстранети и еден број од надворешните ѕидови, со што е дозволено морето да биде поблиску до архитектонското здание, заради што музејот ќе изгеда како да плови.
Покрај тоа, Louvre Abu Dhabi ќе има и илуминирачки ефект ноќе, со оглед на тоа што ќе го осветлуваат околу 4.500 светлечки тела.
За потсетување, концептот на оваа филијала ќе се разликува од парискиот Лувр, каде што секоја епоха е во посебна просторија. Експонатите во Абу Даби ќе бидат поврзани со заедничка тема независно од нивната историска хронологија.
Така, во една сала ќе бидат изложени изданијата на Куранот, Библијата и Тората, а во втора сала ќе бидат претставени скулпторски дела од пр.н.е. од територијата на Кипар, како и дела на големиот француски уметник на XX век, Ив Клајн.