Музејот на ВМРО ќе биде дел од анализата на работната група што врши ревизија на проектот „Скопје 2014“, соопшти министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.
Запрашан во врска со ревизијата на проектот „Скопје 2014“, Алаѓозовски одговори дека работната група која ја врши ревизијата на проектот не прави сеопфатна анализа, туку оди дел по дел.
„Во таа смисла, тие од една страна анализираат конкретни споменици, а од друга страна анализираат и институци. Музејот на ВМРО ќе биде набрзо дел на нивната опсежна анализа, а секако ќе се осврнат и на илјадата мали сувенири и статуетки од проектот Скопје 2014. Така што дел по дел адресираат различни аспекти. Нивните елаборати потоа ги преземаме во Министерството за култура, а заедно со интерресорската група од општина Центар и Градот Скопје разговараме како понатаму да се постапува. Доколку има потреба и Градот и Министерството и општината Центар преземаат продолжителни анализи со цел евентуалното отстранување да биде изведено согласно сите законски процедури“, појасни министерот Алаѓозовски.