Проектантското биро „Синдикат студио“ ја доби архитектонската награда „Милан Злоковиќ“ за најдобро архитектонско дело во регионот за проектот за Музејот на Тоше Проески во Крушево. „Синдикат студио“ наградата ја делат со романските колеги ADN BIROU DE ARHITECTURA, автори на проектот за Станбен комплекс во Букурешт, проект кој е номиниран и за европската награда за архитектура „Mies van der Rohe”. Наградата „Милан Злоковиќ“ се доделува во рамките на годишната изложба на Асоцијацијата на српски архитекти од меѓународно жири составено од претседателите на сите балкански асоцијации на архитекти.
Проектот за станбен комплекс во Букурешт
„Меѓународното жири, составено од претставници на сите балкански асоцијации на архитекти ја додели наградата „Милан Злоковиќ“ за најдобро архитектонско дело во регионот на романските автори на Станбен комплекс во Букурешт и македонските автори на Музејот на Тоше Проески“, се вели во соопштението од Асоцијацијата на српски архитекти. Жирито додели признанија за квалитетно архитектонско дело на авторите од Хрватска, Црна Гора и Србија.
Наградите свечено ќе бидат доделени на 20 февруари во Библиотеката на град Белград.
Проектот за Музеј на Тоше Проески, дело на архитектите Дејан Секуловски, Дејан Спасеновски и Илија Божиновски беше предложен за наградата од Управниот одбор на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.