Во рамките на едукативна програма на Националната Галерија на Македонија покрај останатите едукативни проекти, за 2024 е предвиден и проектот МУЗЕЈ ВО УЧИЛИШТЕ, УЧИЛИШТЕ ВО МУЗЕЈ како дел од Годишната програма.
Со отворена покана до предметните професори за ликовна култура во повеќе средни училишта низ градовите во Македонија понудивме можност за дополнителна едукација: „Заради неможноста за колективна посета на учениците, со оглед на далечината или распоредот на проектните активности во рамките на наставната програма, дојдовме до идеја, ние да го донесеме музејот/галеријата кај вас и одблизу да ве запознаеме со животот и творештвото на современите македонски уметници.“ На наше задоволство, поканата беше прифатена од младите педагози, секогаш отворени и расположени за соработка.
При посета на училиште, пред група ученици ќе се одржи предавање за животот и творештвото на некој од следниве претставници на македонската модерна уметност чии дела се дел од Колекцијата на Националната галерија: Лазар Личеновски, Вангел Коџоман, Томе Аџиевски, Никола Мартиновски, Омер Калеши, Боро Митриќевски, Димо Тодоровски, Катја Ефтимова, Љубомир Белогаски, Тома Владимирски, Борко Лазески, Васко Ташковски, Димитар Пандилов, Димитар Папрадишки и Танас Луловски.
Андонов Димитар Папрадишки, Портрет на Анѓелко Андонов, 1900–1901, масло на платно
Прва дестинација е градот на Рацин. Во Велес ќе зборуваме за животот и делото на Димитар Андонов Папрадишки со што Националната галерија на Македонија се придружува во одбележувањето на јубилејот 70 години од смртта на Димитар Андонов Папрадишки, еден од последните зографи кој истовремено најави нов период во развојот на модерната македонска ликовна уметност, период на преродба која ги донесе и првите дела на профано сликарство.
Андонов Димитар Папрадишки, Автопортрет од младоста, 1925, масло на картон, (26х18), 24,8х18,8
„Да се претстават достоинствено и презентираат соодветно творците кои низ вековите и децениите учествувале во создавање на националната културна ризница е едно од примарните настојувања и определби на Националната галерија, институција чија обврска е грижа, заштита, чување, негување и презентирање на културната оставина заради нас и идните генерации“, истакна директорката Маја Неделкоска Брзанова на неодамнешното свеченото отворање на изложбата по повод 70 години од смртта на Димитар Папрадишки во организација на Народниот музеј – Велес.
Неделкоска Брзанова со задоволство истакнува дека двете институции имаат остварено соработка преку организација на заеднички проекти како тематски изложби и јубилејни одбележувања по повод одредени значајни датуми на наши еминентни ликовни автори. Една од овие соработки е и одбележувањето на јубилејот 150 години од раѓањето на Димитар Андонов Папрадишки изложба која беше отворена 2009 година во Националната галерија, во објектот Даут пашин амам.
„Ваквите настани, можам слободно да кажам дека го чуваат нивниот спомен, го премостуваат просторот и времето меѓу реалното физичко постоење и духовното опстојување во колективната меморија на нашиот народ, отворајќи пат до идните генерации“, сподели директорката Неделкоска Брзанова.
А кога зборуваме за идните генерации, одиме во посета на средното училиште „Коле Неделковски“ во Велес. Благодарение на ликовниот педагог Павлина Јовановска, пред група ученици ликовниот едукатор од Националната галерија, Ацо Таневски ќе зборува за Димитар Андонов Папрадишки (р. Папрадиште, 1859 – п. Скопје, 1954), првиот сликар кај нас кој започнува да се занимава со профано сликарство, конкретно портрето и пејзажно, фигуративни композиции со фолклорни и историски теми. Од портретите на Папрадишки се издвојуваат ликовите на неговите современици, на младата граѓанска класа – трговци, занаетчии, учители, свештеници, понатаму на своите блиски, користејќи фотографија како предлошка за моделот. Според успешноста на портретите, всушност најуспешниот дел на неговото профано сликарство, неговиот стил се смета за почетокот на академски реализам, но поточно е да се каже фотографски реализам. Како наивен веризам, односно битов реализам со елементи на наивност и романтичност, се толкуваат делата со фигуративни композиции со фолклорни и историски теми, каде иако не е најуспешно совладана анатомијата на цела фигура, се сметаат за први од овој вид кај нас.
При оваа посета, Националната галерија ја користи можноста да ја потврди својата општествена одговорност, да подари каталози и монографски изданија од сопствената издавачка дејност и да ја збогати збирката на библиотечниот фонд на средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес.
Национална галерија на Република Северна Македонија