Мексиканското архитектонско биро Estudio MMX го претстави Музејот на геологија Прогресо, кој е направен од повеќе структури обложени со завршница наречена chukum која датира од времето на Маите.
Бирото со седиште во Мексико Сити, го создало музејот врз основа на решеткста шема на локацијата на плажа во Прогресо – град во близина на Мерида, кој се наоѓа на брегот на полуостровот Јукатан во Мексико.
„Дизајнот на волумените и нивниот распоред во јавниот простор создаваат патеки следени со светлина, сенка и вегетација кои му даваат на плоштадот нов карактер богат со искуства кои евоцираат идеи за архитектурата на Маите заедно со колонијалното наследство на урбаниот распоред“, велат од Estudio MMX за Dezeen.
„Музејот свесно го синтетизира локалното знаење на Маите со современите архитектонски пристапи, создавајќи така нов препознатлив и прикладен јавен простор за жителите на Прогресо“.
Chukum, кој бирото го опиша како „природна завршница“ што датира од времето на Маите, користен е за обложување низ целиот простор. Исто така архитектите велат дека материјалот е избран поради неговата издржливост и ниските трошоци за одржување.
Парцелата е поделена на низа квадрати ориентирани околу централен ходник. Волумени со различни висини зрачат од центарот на локацијата, варирајќи помеѓу тераси и волумени со единечна и двојна висина.
„Различните делови од програмата се свесно поврзани еден со друг и со контекстот, преку различни опкружувања на отворен простор“, велат од Estudio MMX.
Подигнатите градини формираат патека на врвот на комплексот, над крововите и покриените елементи на локацијата, создавајќи терасаста патека од едниот до другиот агол на локацијата, каде што се спуштаат до ниво на терен. На другата дијагонална оска поставени се повисоките структури.
Квадратните структури горе се дополнително поделени на делови, оставајќи простор за кровни прозорци.
Таму каде што се среќаваат со улицата, повисоките структури имаат триаголни исечоци, кои се оставени отворени на страната свртена кон плажата. Овие триаголни форми се одразуваат низ целиот ентериер како потпори кои артикулираат различни простори.
Под покривите, пешачките патеки течат низ просторите, извивајќи се низ деловите на отворено со базени и градини.
Покриените содржини на објектот, осумте волумени на југоисточната страна, е местото каде што се чуваат примарните збирки. Просторите се прелеваат еден во друг и можат да се користат за изложби од различен обем.
Геолошкиот музеј Прогресо влезе во потесниот избор за категоријата објекти од култура на наградите Dezeen Awards.