На распишаниот конкурс за изработка на мурал на фасадата на Јадро пристигнале 14 креативни решенија. Жири комисијата ги разгледала сите пристигнати предлози и го селектирале за реализација муралот на ликовниот уметник Гоце Илиевски.
Гоце Илиевски е уметник од Скопје, кој твори во областа на традиционалните, современите и дигиталните форми на уметност. Завршил ФЛУ, отсек сликарство во 2010 година.
Има реализирано 15 самостојни и земал учество во многубројни групни изложби во Македонија, Германија, Австрија, Исланд, Турција, Бугарија и Полска. Добитник е на повеќе награди за сликарство, акварел и фотографија од повеќе институции и држави. Во 2011 му беше доделена наградата ,,Златна четка‘‘ за сликарство од ДЛУМ, како и наградата за GIF (дигитална слика во движење).
Учествувал на повеќе резиденции, симпозиуми, работилнници за уметност и други активности, меѓу кои како поважни за неговиот развој како уметник се издвојуваат, уметничкиот престој во Нирнберг, Германија, резиденциите во Литванија, Латвија и престојот во Исланд. Од особено значење е филмот Loving Vincent, каде што работи како сликар и аниматор.