Виена, градот на уметностите и сецесијата, ова лето и есен, имаше уникатна можност да биде домаќин на еден спектакуларен мултимедијален настан, под името The Immersive experience – KLIMT, со кој се одбележаа 160 години од раѓањето на еден од најмаркантните виенски ликови, Густав Климт. Големиот уметник на сецесиското движење на 20-тиот век беше претставен на еден сосема поинаков начин, низ возбудливи визуелни прошетки и мултисетилно сеопфатно уживање, баш како што беше и максимата на сецесијата, за универзално доживување на уметноста во целост, заедно со скулптурата, архитектурата, модата и музиката. Спектакуларноста како што најавува и самиот наслов, се состоеше во неповторливата можност на секој посетител преку интерактивно учество, да нурне во тоа сетилно волшепство и интензивно, со сите свои сетила да ја почувствува повеќеслојната димензија на Климтовиот свет.
Уште на самиот влез, просторот гостопримливо ги канеше љубопитните посетители во пријатна атмосфера со класична музика и проекции од мистична светлина примамувајќи ги кон откривање на неверојатен свет. Потоа, посетителите беа вовлечени низ лавиринт од едукативни ѕидни паноа, водени со дискретно светло кое насочуваше кон хронолошки текстуални описи, дела и фотографии за неговиот живот и кариера, како еден вид припрема за спектаклот кој следува.
Понатака следуваше дигитална зона со триптих од екрани на кои како под магична палка се менуваше тоналитетот, од црно-бели во боени верзии, на трите негови дела, таванските слики нарачани за салата на Универзитетот во Виена, посветени на 3 теми: „Филозофија“, „Медицина“ и „Правда“. Овие дела се дел од неговиот период на скандали, бидејќи токму преку нив Климт ја покажал својата нескротлива природа и бунт кон академската уметност, преку отстапување од традицијата и ослободување од историјата.
Наспроти професорските негодувања, Климт продолжува да ги алегоризира претставите на овие науки преку нудистички женски фигури, за кои добива етикета за порнографство и перверзност, но наспроти тоа, тој останува цврст на своите ставови и си ги повлекува своите дела. За жал, тие подоцна се уништени од нацистите, а реконструкцијата на делата е направена врз основа на репродукции и фотографии, па затоа на екраните се доловува тој драматичен премин од монохроматски во колоритни верзии. Следејќи ја максимата на сецесијата за слободата на уметноста, до крај на својот творечки живот, љубовта, интимноста и еротизмот се заеднички теми во неговите дела.
Возбудата кулминира како што се движат посетителите низ просторот откривајќи нови инсталации каде неговата уметност беше деконструирана на секој можен начин, буквално и метафорично. Најпознатото дело на Климт, од неговата златна фаза, „Бакнежот“, доживеа двојна трансформација, еднаш во вид на монохроматска скултпура, на која беа проектирани движечки сцени полни со бои и ситни орнаменти што уметникот често ги користел, проекција на дело врз дело, а потоа инсталација во која буквално секој елемент од сликата беше поединечно деконструиран и прикажан како посебен висечки елемент. Наредени слоевито еден зад друг, овие висечки елементи, гледани под одреден агол ја даваа претставата на сензуалниот „Бакнеж“, во кои многумина веруваат дека е интерпретирана Климтовата љубов кон неговата муза со која негуваат посебен однос во текот на целиот живот, модната дизајнерка Емили Флог.
Како низ вселенски вормхол, следуваше минување низ тунел опсипан со лебдечки златца и Климтовите најчесто употребувани декоративни елементи, спирали и геометриски форми кои светкаа во стаклени ѕидови и се отсликуваа и на таванот и на огледалните површини, пренесувајќи ја магијата на златните парчиња со кои тој ја акцентирал женската енергија и сензуалност. Всушност, неговата инспирација со употребата на златни листови потекнува од неговиот татко кој бил гравер на злато, но опседнатоста почнува по посетата на базиликата во Равена, каде се фасцинирал од византиската уметност на мозаиците.
Магичниот тунел, беше врската што водеше кон кулминација, кон највозбудливот дел, огромниот простор со ѕидови на кои се движеа проекции во вид на колажи од 200 негови дела, кои преку технологијата на 3Д мапирање, се менуваа панорамски во круг од 360° на површина од 2.000 м2. Тука набљудувачот беше во фокусот, телепортиран во надреално волшебен простор, каде што може да го живее сонот отсонуван во творештвото на Климт. Магичното искуство започна со подвижни сцени од неговата рана фаза по која е помалку познат, каде прикажува пореалистични прикази.
Неговите почетоци на кариерата како стипендист на школата и ентериерен декоратор ги гледаме во неговото впечатливо негово сликање и добро познавање на архитектонските елементи, пропратено со покласични нудистички претстави на женски фигури, што подоцна ќе најде силен одек во неговата работа. Како припадник на сецесиското т.н. последно универзално движење за спој на уметностите, архитектурата, скулптурата и музиката во нераздвојно единство, тој е директен одраз на тој стремеж. Тоа се огледува и во неговите први претстави на голи фигури кои свират на инструменти во сценографија на прекрасната архитектура на Виена од 1900-тите години.
Овие претстави беа заменети со нови проекции преку будење на природата, ветер, расцветани ливади и мистични шумски предели, навестувајќи ја следната фаза, исто така, помалу позната, фаза на пејзажи, која во подоцнежните дела пак ќе најде своевиден одек преку цветните детали. Атмосферата на пејзажите струи низ просторот како интимна, поканувачка и волшебна 360° панорамска прошетка, што човек за момент помислува дека е отелотворен во ликот на Алиса во земјата на чудата.
Набрзо беа нанижани претстави на сецестичкиот павилјон и неговата карактеристична купола од златно лисје, која и ден денес претставува една од најимпозантните виенски градби на модернизмот, за да во следен миг бидат заменети со танцувачки златни линии, кои се движеа низ ѕидовите како уметникот во моментот да ги црта контурите на горниот, 34-метарски долг појас на „Бетоновиот фриз“ од истиот павилјон, искажувајќи комплексни идеи во духот на симболизмот.
Повторно како феникс од злато ќе се појави женска фигура (лајтмотивот од неговите слики) и ќе го опсипе целиот простор со златна магија, нагласувајќи го почетокот на неговата златна фаза. Тука беа прикажани жените кои биле сликани од Климт, со смел, потенциран еротизам, украсени со златни декорации, како акцент на нивниот сексапил. Уште една одлика на Климт е што тој ги слика своите модели во долги фустани, директно инспирирани од византиските претстави на жените, за разлика од раскошниот стил на фустани и корсети што ги носеле тогашните жени од високите виенски кругови. Античките митови се исто така негов интерес и честопати се гледа модерна интерпретација на некои теми, како што е претставата на Јудит, жената која со својата атрактивност го привлекла асирскиот војсководец за да му ја пресече главата и да го спаси својот народ од тиранија. Повторно со златни детали на накитот и облеката е нагласена фаталната убавина на жената, еротизмот и опасноста.
Во последната фаза Климт постепено го напушта украсувањето со златни ливчиња и повеќе се насочува кон колоритна експресија, сега инспириран повеќе од јапонската и од корејската уметност, како што се тоа портретите на Елизабет и Фредерике. Откривајќи го Хенри Матис, неговите дела од последната фаза ќе одразуваат вистинска експлозија на бои.
Во последната соба, како импресија посетителите можеа да седнат во катчето за цртање и да нацртаат своја верзија на некое од неговите дела или со 3Д визир очила за виртуелна реалност да го откријат тродимензионално светот на Климт, овојпат како самите да се дел од сценаријата во делата. (sl.55-60)
На крај човек не сака да се разбуди и да замине од ова волшебно сеопфатно доживување на сите свои сетила и длабоко во себе, осознавајќи го до детали длабокиот дух на Климт, може само да поверува дека тој би посакал една ваква мултимедијална презентација на неговата уметност која буквално целосно го внесува посетителот како да е дел од самата уметност. Како што ќе рече и самиот Климт: „Aко сакате да дознаете повеќе за мене, само видете ги моите дела.“ Јас како архитект, дефинитивно научив многу и ова неверојатно искуство ќе продолжи да ме инспирира во понатамошната моја работа.
Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.
(Специјално за Порта 3 од Виена)