Во вторник, 1. 12. 2015 година, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица ќе биде поставена мултимедијалната инсталација под наслов „12:05“ на авторот Борис Шемов. Овој Проект ќе може да се проследи и во наредните два дена на 2-ри (среда)и 3-ти (четврток) декември од 18 до 20 часот.
Проектот на Шемов претставува мултимедијален, визуелен и перформативен експеримент во кој сржта лежи во концепциската синестезија. Тој креира визуелни дразби, кои според своите естетски кфалификации се восприемаат како изложба, а помеѓу елементите има поврзаност и аналогност со неговите претходни опуси (номадичност, референтност, колажираност, експерименталност, синтетичност, индустријализам, масовност, повеќеслојна комплексна концептуалност итн.).
Тенденцијата на Борис Шемов со овој проект е со минимум вклучени елементи или дела да дозволи концептот да се авто-генерира во свеста и спознанието на реципиентот, без притоа да даде „рецепт“ за читање на делото и дискурсите. Од друга страна тој момент на авто-генерирање на делото e присутен и во самиот процес на создавање на делото, со акцент врз синтетичноста и индустрискиот момент.
Елементите на проектот се создаваат во голема мера сами по себе (со помош на програми, апликации, обучени пилоти), под надзор на уметникот, но не со предоминантни интервенции од негова страна, ставајќи емфаза врз улогата на авторот – креатор во денешно време и неговиот per se интелектуален инпут во процесот на создавање на делото.
Куратор на проектот е Ана Франговска.