Насловна / Архитектура / Мултифункционална сала, нова реперна точка во Бања Лука

Мултифункционална сала, нова реперна точка во Бања Лука

Градот Бања Лука кон крајот на декември минатата година распиша Меѓународен општ јавен конкурс за изработка на идејно архитектонско решение за мултифункционална сала/конгресен центар во Бања Лука. 

Поради големиот број пријавени трудови, победниците се избрани после шест круга одлучување, од мај до крајот на јули годинава. Градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојичиќ, претставувајќи го победничкиот проект на архитектонски тим од Белград во чиј состав е и архитектот Никола Ѓорѓиевски од Скопје, изјави дека проектот во конкуренција од 110 труда од 38 држави ја заслужил конечната одлука на Комисијата за победа.

Првата награда во износ од 30.000 евра припадна на архитектонскиот тим кој го сочинуваат: Милош Јокиќ, Ненад Стијовиќ, Никола Ѓорѓиевски, Стефан Илиќ со соработниците Тијана Мачкиќ, Стефан Даниловиќ, Јована Ковачевиќ и Јелена Златановиќ и консултантот Миодраг Грбиќ.

Во работата на Комисијата учествуваше и еден од најпознатите архитекти денес, професорот Борис Подрека. Покрај него членови на Комисијата беа: градоначалникот Игор Радојичиќ, Иван Рашковиќ, градски архитект, Владан Ѓокиќ, декан на Архитектонскиот факултет во Белград, Миомир Мијиќ, професор на Електротехничкиот факултет во Белград и архитектите Санела Кецман и Невена Предојевиќ.

* * *

Без разлика дали станува збор за прослава на Дионис, извонредни костими и ѕидни фрески или комплексни мелодии, театарската култура отсекогаш била централен настан кој го одржува општеството. Сметана за највисока уметност, интегралниот чин на изведба може да се одвива само во една зграда – театарот. Три физички елементи го формирале грчкиот ансамбл: театар, оркестар и сцена, а до денес, во суштина, композицијата на театарот останала непроменета.

1_resize

 The Theatre of Dionysus

„За старите Грци, зборот бил жива материја и бесконечно префериран над мртвите симболи на пишаниот јазик

Без оглед на тоа што, духот на театарот ја задржал јасноста, проектирањето на оваа градежна типологија во 21 век, сред брзотрансформирачка урбана култура и дигитална утопија, станува ултимативен архитектонски предизвик. Објектите од оваа типологија ги трансформирале градовите, создавајќи физички репери, како по своето архитектонско значење, така и во рамките на менталните мапи на населението. Преку нивните структурални и организациски матрици тие фундаментално го менуваат начинот на кој градовите функционираат и го издигаат културолошкото ниво на една метропола. Земајќи го ова предвид, како и проектантските предизвици, одговорности и можности, нашата конечна цел е да се испроектира конгресен центар кој ќе го унапреди урбаниот идентитет на градот, ќе го акцентира новиот културно-општествен живот во Бања Лука и ќе го активира и интензивира околното градско ткиво. Новата мултифункционална сала има централна амбиција да стане симбол на градот и воедно да ја промени и збогати градската силуета.

Концепт: урбанизам

Локацијата на мултифункционалната сала главно се карактеризира преку три просторни аспекти. Првенствено, таа претставува парче урбана празнина која е добро поврзана и лесно пристапна преку сообраќајни оски со голем капацитет. Потоа, позиционирана е во средногусто изградена област која конституира просторен агломерат од отворени површини и објекти.  Исто така, локацијата на парцелата, сместена долж зелениот појас на градот ги поврзува реката Врбас и паркот „Младен Стојановиќ“.

Урбанистичко проектантскиот пристап се состои од три чекори кои понатаму го генерираат развојот на целиот објект. Главен концепт во оваа фаза е „ослободување на просторот“. Со цел да се создаде јавен  простор кој ќе обезбеди квалитет на градски „форум“, но и ќе го поврзе зелениот појас кој се протега низ пејзажот, одлучивме да создадеме вертикална интерпретација  на објект кој традиционално би се развил по хоризонтала. Со позиционирање на главниот влез на југ, односно кон Булеварот на олимписките победници, ја отворивме првата третина од парцелата за потребите на платото. Во овој контекст, платото станува финалето на главната авенија од паркот,  нудејќи единствено искуство при влегување во зградата од запад. Внатре во рамките на втората третина на објектот, се наоѓа инфраструктура – машина која го храни главниот настан, додека преку третата се протега шумскиот појас, обраснат со бреза, по која е препознатлив пејзажот на Бања Лука.

Новата мултифункционална сала, со својата нагласена вертикалност и обилна културна програма, станува нова реперна точка во новата градска матрица.

2_resize

Луѓето ги разбираат градовите преку препознатливи елементи кои пружаат читливост и емоционална сигурност на престој на позната територија“ – Кевин Линч

Концепт: архитектура

Комплексноста на нашата зграда бара кохерентна мисла, идеја и дизајн, во спротивно нејзиното сценарио станува нејасно. Во потрагата по чисто и јасно решение, а држејќи се кон нашиот став за вертикален просторно-програмски развој, создадовме концепт на морфолошка и метафорична дихотомија. Овој потег одлучи зградата да ја поделиме, по вертикала, на две целини, односно две куќи – “Opera di Natura” и “Opera di Mano.” Првата куќа е срцето на зградата – машина која ги дистрибуира сите информации и која, во морфолошка смисла, претставува темел/постамент. Додека пак втората куќа претставува манифестација на креативен спектакл – фузија од дизајн, модерна технологија и уметност. Воздушен простор низ кој посетителот „лета“ до последната дестинација – параметрицистичката обвивка наречена облак

aksonometrija_resize

аксонометрија

Opera-di-Natura:

Концептот на првата целина преставува фундаментален просторен склоп, неопходен за една добро-организирана мултифункционална сала. Со други зборови, она што преставува природниот наклон за грчкиот амфитеатар, е првата куќа за овој комплексен ансамбл. Прагматичен простор кој ја дефинира функционалната и просторната шема, и со тоа, станува првата природа на оваа зграда. Оваа целина е всушност скелетот кој врши лесна просторна дистрибуција за целокупен оптимален перформанс ширум сите програмски капацитети. Надворешниот впечаток на првата куќа е цврст и статичен, дополнително интензивиран со употребата на црни тули кои создаваат една универзална рамнина околу долниот периметар.

detalj fasade_6k_resize

детал фасада

Во програмска смисла, оваа куќа ги обединува сите неопходни целини, од складишта за декор, простории за проби, гардероби, балетски сали, студија, паркинг, канцеларии и други потребни простории, а кулминира со оперската куќа во своето јадро. Корпусот од простори зад сцената и операта се физички смолкнати како целина, создавајќи морфолошка граница помеѓу јавната и приватната програма.

Циркулаторната шема е најважното оперативно средство за овој објект бидејќи овозможува непречена хоризонтална и вертикална комуникација.  Сите програми се достапни во оптимално време, за потребите на движење на уметниците, вработените и посетителите, а нивните растојанија се конципирани така што секој што ќе се најде во оваа зграда да биде добро поврзан. Меѓутоа, аспектот на движење и поврзаност е уште позначаен за посетителите. Поминувајќи од една во друга целина се забележува внимателно проектираната волуметрија, а во неа Opera-di-Natura, игра пресудна улога – преку затворен, смирен и прочистен простор го подготвува посетителот за спектаклот во втората целина.

tranzitna zona_6k_resize

транзитна зона

Просторен премин

Приказната започнува на ниво на приземје, каде главното плато е благо подигнато над земјата – чинот на искачување претставува почеток на ритуалот, влегување во нов свет. Цврстата маса на целината Opera-di-natura е пробиена само кај главниот влез, нагласувајќи го, а во исто време оставајќи впечаток на засек во карпа. Првата атмосфера е ускладена со скромната и затворена природа на Opera-di-Natura, а преку тој контраст ја назначува и комплиментира атмосферата на целината Opera-di-Mano. Бидејќи вертикалната комуникација е основната динамична карактеристика на објектот, на посетителот му се нуди разновиден збир рути и средства за комуникација: скали, ескалатори и лифтови. Посетителот го одбира своето патување, и без разлика дали тоа е чекор по чекор или преку брз вертикален транзит, секој пат креира единствена импресија.

pozorisni foaje_4k_resize

театарско фоаје

Opera-di-Mano

Втората целина го преставува спектаклот на зградата. „Трудот на човековите раце“. Аспектите на светлина и слобода се сеприсутни низ муралот на “Opera-di-Mano,” – простор на визуелни задоволства. Дихотомијата помеѓу двете целини е нагласена најмногу преку употреба на материјалите, и во таа смисла, стаклената фасада не само што е контраст на црните тули, туку трепери и исчезнува, и со тоа ја истакнува внатрешната архитектура како интегрален дел од целокупната надворешна композиција. Овој воздушен транзитен простор отвора нов паралакс од висти, вертикални и дијагонални структури обземени од бранови светлина, и кулминира со најевидентниот дел во просторот – параметрицистичко транслуцентната обвивка.

suton_6k_resize

Во програмска смисла, структурална чипка го обединува главниот ресторан, малата и голема концертна сала, конципирајќи персонификација на задоволството како круна на објектот. Покрај наведеното, внатре во транзитната зона се наоѓаат ресторани на национални кујни, отворен музеј и зелени балкони.

Конечно, посетителот преставува последниот акт на оваа зграда – ритуално качување од долниот смирен и прочистен простор кон спектакуларното финале – облакот. Преку мноштвото вертикални врски кои го пробиваат облакот, посетителите имаат можност да го истражат и искусат овој лебдечки простор.

glavni ulaz_4k_resize

главен влез

Конструкција

Објектот е фундиран на масивна каскадна плоча. Подрумските ѕидови и столбовите се армиранобетонски и со темелната и плочата на приземје формираат соодветен постамент за надземната конструкција на зградата.

Конструкцијата на долниот анекс е изработена од масивни армиранобетонски sидови со големи конзоли над влезната зона. Оваа настрешница е формирана од масивен фасаден ѕид кој е обесен на конзолни решетки испуштени од делот од зградата што го формира претпросторот на гледалиштето. Овој дел е дополнително укрутен во хоризонтален правец на фасадата, долж галериите за движење. Овие решетки на другиот крај се ослонети на предниот ѕид зад кој се наоѓа бината. Под овој испуштен дел отворен е слободен простор како влезна зона со застаклена транспарентна фасада без видлива конструкција, па така се добива впечаток дека тешката обвивка лебди.

01

перспективен пресек

Четирите јадра што излегуваат од покривот на долниот анекс, може да бидат дилатирани со удвојување на sидовите, доколку се јави потреба да се формира дилатација заради пренесување на звук и вибрации. На овие четири армиранобетонски јадра поставен е горниот анекс на објектот.  Таваните на горниот анекс се двојни плочи со ребра кои формираат касети. Овие касетирани таваници се потпираат на само четири јадра и нивната висина е значајна.

Јадрата, кои се вертикални комуникации, служат да ги прифатат како вертикалните сили на горните сали, така и за прифаќање на хоризонталните сили од влијанието на ветер или сеизмички движења.

Автор: Никола ЃОРЃИЕВСКИ, м-р арх. и м-р пејз. арх

Model

основа +0 м

Model

основа +20 м

Model

основа +40 м

Model

основа +52 м

Model

пресек 1-1

Model

пресек 4-4

perspektivni presek_resize

перспективен пресек

Испрати коментар

Scroll To Top