Швајцарија како алпска земја е многу важна за транзит на луѓе и стоки кои патуваат кон внатрешноста на Европската Унија. Поради својата географска положба, Швајцарија има големо значење во меѓународниот сообраќај со особено доброразвиена сообраќајна инфраструктура. Земјата има многу градби од нискоградба кои овозможуваат брз и безбеден сообраќај низ целата земја и достапност до секое место, како патишта, крстосници, мостови, тунели, вијадукти, железница, жичарници итн.
Вкупната должина на железничката мрежа во Швајцарија е 5.035 километри, така што Швајцарија има една од најгустите железнички мрежи во светот, а вкупната должина на патиштата е 71.011 километри, од кои 1.638 километри се автопати.
Со железницата може да стигнете до врвовите на Алпите и до глечерите, а по пат да уживате во спектакуларните погледи на алпските предели, во погледот кон Матернхорн каде што е и долината Матер со највисоките лозја на светот.
Во Швајцарија должината на тунелите и на мостовите е импресивна, а сè што се гради иако е инфраструктура мора да се вклопи во природниот амбиент, да биде одржливо и еколошко. Посебно се обрнува внимание да не се наруши природниот амбиент, градбите добро да се вклопени во целокупниот пејзаж и да се градат на начин кој помалку ја загадува околината и ја нарушува природата. Секогаш, покрај одличните и иновативни конструктивни и архитектонски решенија, тоа се и одржливи и еколошки градби.
Една необична инфраструктурна градба која сè уште е во фаза на изработка на проектната документација и со други припремни работи за почеток на градбата е Големиот мост и тунел во Луцерн. Оваа градба треба да поврзе два дела од градот и тоа делот на брдото Сонеберг и делот Кринс. Денес сообраќајницата која ги поврзува овие два дела од градот е многу оптоварена и неефикасна, со вкупно четири сообраќајни ленти, па поради тоа во 2017 година е распишан конкурс за изработка на нова инфраструктурна градба, која ќе овозможи подобро сообраќајно решение помеѓу двата дела од градот со што сообраќајот во овој дел на Луцерн ќе се одвива непречено и многу побрзо. Од осумте поднесени труда, жирито, составено од експерти, го избра предлогот да се изгради таканаречен „мост куќа“ со парк на покривот, што ќе му даде привлечно, ново лице на градот.
Инвеститор на оваа градба е Федералното биро за патишта ASTRA од Швајцарија. Добитници на првата награда на распишаниот конкурс се две проектантски бироа од Цирих, кои настапуваат како еден тим: „Smarch-Mathys&Stucheli Architekten“ и „ACS Partner AG Bauingenieure“. Пејзажната архитектура е дело на компанијата „Hager Partner AG“. Површината на градбата е 80.000 квадратни метри, а локацијата е во делот Кринс во Луцерн.
Проектот ќе ги збогати околните населби на три нивоа: кантонален пат и немоторен сообраќај, автопат и вмрежување за пешаци и екосистеми. Ќе може да се користи и лифт за префрлување помеѓу првото и третото ниво. На второто ниво предвиден е автопат. Паркот над мостот и просторот под мостот овозможуваат врски и мрежи меѓу Луцерн и Криенс.
Градбата започнува да се издига од брдото Сонеберг на север, продолжува над автопатот Луцерн и почнува благо да се спушта кон југ, да се приклучува на постојните сообраќајници и се отвора кон постојниот пејзаж. Проектантите убедени дека ваква скапа градба не треба да се користи само за сообраќај, предлагаат мултифункционална градба со сообраќајница – автопат со шест сообраќајни ленти во тунел на полукат и прекрасен парк на кровот со визури кон Алпите и кон стариот дел на градот.
Основниот елемент на целокупниот сообраќаен бајпас на тунелот Луцерн се состои од два тунели со две ленти. Должината на тунелот е 3.510 метри на север и 3.635 метри на југ.
Оваа инфраструктурна градба не треба да се гледа само како таква. Таа го почитува и планираниот урбан развој на овој дел од градот. Новите планирани градби на север под брдото Сонеберг се поврзани во партерот под тунелот со многу богати содржини, така што новите згради ќе бидат поврзани со пешачка површина – мал плоштад. Шеталиштето кое почнува од брдото Сонеберг ќе се поврзе со пешачките површини под тунелот и со новите планирани згради.
Конципиран како мост на почетокот кај брдото Сонеберг, се отвора на јужната страна и се стопува со пејзажот. Новата инфраструктурна градба, и мост и тунел внесува многу новини и совршено се вклопува во постојниот пејзаж на градот Луцерн.
Пешачките патеки кои почнуваат од брдото Сонеберг се надоврзуваат со пешачките патеки на новиот парк над тунелот и се спојуваат со оние на јужната страна.
Со оваа градба ќе се овозможи побрз и непречен сообраќај за возила во правец север – југ во тунелот кој се протега над постојната брза сообраќајница Луцерн во правец исток – запад. Пешачкиот сообраќај непречено ќе се одвива од брдото Сонеберг преку новиот парк кон југ, во делот Кринс.
И секако големата пешачка површина под тунелот со многу разновидни содржини ќе ѝ даде посебен белег на оваа градба, а истовремено овој простор ќе се поврзе со постоечките пешачки патеки и со шеталиштето во делот кај брдото Сонеберг.
Засега само проект, но во скора иднина и нова инфраструктурна градба, наизглед многу едноставна, но многу иновативна и мултифункционална, која освен доброто сообраќајно решение на две нивоа, има и многу други новини, и на жителите од овој дел на Луцерн ќе им овозможи многу разнообразни секојдневни активности. Ќе им пружи побогато и поразлично секојдневие, а сообраќајните врски со делот Кринс а понатаму и со другите делови од градот ќе се одвиваат многу побрзо, а секако ќе се заштити и околината и пејзажот од негативните влијанија од издувни гасови и бука, што во Швајцарија се подразбира. Градот ќе добие простор кој ќе биде збогатен и со голема пешачка површина – плоштад под тунелот.
Наизглед едноставна градба, но многу комплексна и повеќенаменска, која освен за одвивање побрз сообраќај збогатена е со многу нови содржини и простори, вклопена во околината, одржлива и еколошка. Паркот на покривот станува дефинитивен елемент, еколошката, како и сообраќајна врска меѓу „градските брегови“ ќе се реализира без никакви компромиси и исто така станува „зелена инфраструктура“. А се создава и дополнителен јавен отворен простор со спектакуларна пејзажна панорама во далечината.
Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл.инж.арх.