Насловна / Архитектура / Мултифункционален комплекс од 470 милиони долари

Мултифункционален комплекс од 470 милиони долари

На 5 мај 2010 година, рускиот претседател Владимир Путин го постави камен-темелникот на стадионот во Казањ, „Казањ арена“, дом на двократниот руски шампион ФК Рубин Казањ. Објектот е предаден во употреба во рекордно време, 36 месеци подоцна во мај 2013 година. Во јули истата година е домаќин на церемонијата на отворање и затворање на XXVII Летна универзијада. Во август 2014 е одржан првиот фудбалски натпревар од руското првенство помеѓу „Рубин“ и „Локомотив“. Арената не е само фудбалски стадион туку е мултифункционален спортски комплекс,  чија цена на градба изнесува 470 милиони долари. Содржи и два базена, еден базен од 50/26 метри и базен со загревање од 50/25 метри, каде во 2015 година во јули е одржано ФИНА Светско првенство во водени спортови, а во ноември фудбалски натпревар Рубин – Ливерпул во УЕФА Лига Европа. Најважниот тест што Казањ арена го помина пред Светското првенство во Русија беше последниот Куп на конфедерации. Денес на овој модерен колосеум се одржува Светкото фудбалско првенство, каде се одиграа четири натпревари од групната фаза, едно осмина финале и едно четврт финале. Концептот на дизајнот на стадионот е повторно на архитектонското биро „Populous“, кој концепт создаде стадион со своја личност и еден од најголемите со капацитет од 45.379 гледачи на кој се одвиваше најважната споредна работа во светот.

5_resize

Казањ е главен град и најголем град на Република Татарстан во Русија. Со население од преку еден милион жители е осмиот град по број на население во Русија. Градот се наоѓа на устието на реките Волга и Казањка. Токму живописниот брег на реката Казанка е главната инспирација на архитектите. Стадионот има уникатен дизајн, благите кривини на покривот на арената потсетуваат на водени лилјани кои растат на живописните брегови на реката. Предниот дел на стадионот е опремен со огромен екран со вкупна површина од 3.700 квадратни метри.

1

„Казањ арената“ за време на светско првенство на ФИФА ќе ги задоволи дури и најпребирливите навивачи. Стадионот има Skyboxes, луксузен затворен простор за седење поставен високо во спортската арена, ресторан со панорамски поглед на теренот, голем број места за храна, спортски барови и кафулиња, простор за деца и продавница со клупска опрема. Арената може да се пофали и со музеј на фудбалскиот клуб Рубин, музеј на стари автомобили и уште еден музеј посветен на историјата на стадионот. За навивачите кои доаѓаат на натпревари со сопствени возила, предвиден е паркинг за 4.445 автомобили.

3a_resize

Уникатноста на стадионот се гледа и во вкрстените греди поставени на растојание од 120 метри и проѕирниот конзолен кров кој е потпрен на осум потпорни точки. На тој начин поставен, кровот делува како лесна воздушеста конструкција, без притоа да се наруши безбедноста и стабилноста на објектот. Вкупната тежина на вградениот челик во кровната конструкција изнесува 12 илјади тони.

Во градот кој по посетата на Петар Велики, станал центар на бродоградба за касписката флота, уништен во 1774 година за време на бунтот на Пугачев и наскоро повторно изграден за време на владеењето на Катерина Велика, навивачите, покрај многу радост и солзи кои ги носи фудбалот ги чека прекрасно, шарено доживување. Тоа е град каде Куранот првпат е отпечатен во 1801 година. Град каде неговиот Универзитет е многу важен центар за ориентални студии. Град како и многу руски градови, херој. За време на Втората светска војна во Казан биле сместени голем дел од клучните индустриски постројки и фабрики за поддршка на војната. Градот бил витален индустриски центар на воените напори против фашистите, каде што биле произведени илјадници тенкови и авиони.

4_resize

Денес во Казањ, многу култури се мешаат едни со други и сите со воодушевување ги чекаат милионите фудбалски навивачи. Сунитските муслимани живеат во мир со православните и католичките христијани. Сите се разбираат еден со друг преку заедничкиот руски јазик. Населението е скоро 50/50 од руска и татарска етничка припадност. Со население од речиси 1,2 милиони луѓе и мноштво религии кои живеат мирно меѓусебно, Казан во повеќе од 1000-годишно наследство, останува извонреден град за посета или живеење. Град кој со воодушевување го слави фудбалот кој обединува и чии навивачи и радоста и болката ја споделуваат заедно.

„КАЗАЊ  АРЕНА“ ПРЕКУ БРОЈКИ

– екран 3.700 квадратни метри

– капацитет од 45.379 гледачи

– предаден во употреба за 36 месеци

– паркинг за 4.445 автомобили

6_resize

2_resize

Испрати коментар

Scroll To Top