„Радикално образование” е интердисциплинарна програма за креирање на критички модели на знаење, како и развој и промоција на теоретски пристапи и уметнички практики во, и надвор од, Музејот на современата уметност во Скопје. Програмата има тематски фокус на области кои се однесуваат на современите уметнички практики и теорија, културните студии и историјата на уметноста, а нејзини автори се Тихомир Топузовски и Кумјана Новакова, соработници на Музејот на современата уметност – Скопје.
„Радикално образование” почнува на 17 октомври со предавањето на Stephen Duncombe, професор по културни студии на Њујорк Универзитетот, САД. Предавањето именувано “Уметноста на Политичката Имагинација” ја разгледува моќта на уметноста да ги визуелизира личните и политичките можности, земајќи ја уметноста како влијателно средство како за критика на светот онаков каков што е, така и како визура низ која светот може да се види онаков каков би можел да биде. Во своето предавање Duncombe ќе анализира одредени историски случаи каде уметноста и уметничките форми на активизам се користат во политички цели, како што се примерите на советската авангарда, движењето за американските граѓански права и актуелни примери на уметнички активизам во целиот свет.
Во неговата работа Duncombe се фокусира на историјата на масовните движења, алтернативните медиуми како и поврзувањето на културата и политиката. Автор е на неколку книги, а уредник е и на зборникот текстови Cultural Resistance Reader (Verso, 2002. Duncombe е коосновач и кодиректор на Центарот за уметнички активизам.
Интердисциплинарната програма “Радикално образование” најавува работилница и предавање на 29. и 30. октомври, а деталите ќе бидат објавени наскоро.