Руското архитектонско студио Ruetemple го претстави проектот на стан во Москва за една млада фамилија, со кој се одбележува естетиката на минимализмот и посебниот додаток, мрежа која се протега низ неколку простории.
Студиото Ruetemple е познато по своите современи уредени резиденции и деловни простории, а младиот пар со деца ги ангажира токму од таа причина.
Всушност, својот стар стан одлучиле да го преуредат и да го прилагодат на потребите на децата. Нивните барања биле јасни; да се почитува естетиката на минимализмот, но, исто така, да се избегне ефектот на стерилитет кој често се среќава во современите проекти.
Архитектите станот го замислиле според принципот open space, со што добиле на простор, а станот го украсиле со големи мрежи. Поконкретно, во деловите каде што претходно се наоѓале ѕидови или каква било преграда, сега стојат големи бели мрежи кои подеднакво служат како декорација, но исто така и за игра и релаксација.
Во станот преовладува белата боја со додаток на дрвени елементи и зелено растение, кои целиот простор го прават уште поинтересен.