Проектниот простор „Прес ту егзит“ од Скопје во соработка со „Ротор“ – Центар за современа уметност во Грац, распиша отворен повик наменет за визуелни уметници кои живеат и работат во Македонија, а кои се поканети да аплицираат за едномесечна резиденција во Австрија. Резиденцискиот престој ќе се реализира во текот на 2016 година.
Програмата за уметничка размена и резиденциски престој „West Balkan Calling“, организирана од „Ротор“ – Центар за современа уметност во Грац, опфаќа шест уметнички институции од Југоисточна Европа и пет уметнички институции од Австрија и ќе се реализира во текот на 2016 година.
Програмата се реализира во соработка со Проектен простор „Прес ту егзит“ (Скопје, Македонија), T.I.C.A. – Tirana Institute of Contemporary Art (Тирана, Албанија), „Public ROOM“ (Сараево, Босна и Херцеговина), „Stacion“ – Center for Contemporary Art (Приштина, Косово), „Art Research Center 42°“ (Цетиње, ЦрнаГора), „Kontekst Collective / Zadruga Oktobar“ (Белград, Србија) и „Lendhauer“ (Клагенфурт, Австрија), „Air–artist in residence“ (Кремс, Австрија), „Atelierhaus Salzamt“ (Линц, Австрија), „Kunsthalle Exnergasse“ (Виена, Австрија).
Во рамките на оваа програма Проектниот простор „Прес ту егзит“, а во соработка со „Ротор“ – Центар за современа уметност во Грац, организира резиденциски престој на еден македонски уметник во Австрија и истовремено обезбедува едномесечен резиденциски престој за уметник од Австрија во Македонија.
За таа цел, Проектниот простор „Прес ту егзит“ распиша отворен повик наменет за визуелни уметници кои живеат и работат во Македонија, а кои се поканети да аплицираат за едномесечна резиденција во еден од петте градови во Австрија (Грац, Клагенфурт, Кремс, Линц, Виена).
Формуларот за апликација со објаснување на сите детали поврзани со отворениот повик може да се најдат на сајтот на Проектен простор „Прес ту егзит“, додека повеќе информации за целокупната резиденциска програма, вклучително и информации за партнерските институции, има тука.
Краен рок за поднесување на апликацијата е 15 август 2015 година.