Зголемувањето на комуналниот отпад претставува еден круцијален проблем на многу современи општества. Голем дел од процесите и производите што се поврзуваат со современиот начин на живот имаат негативни ефекти врз животната средина.
Правилното управување со биоразградливиот отпад присутен во комуналниот отпад и во отпадот од пречистување на отпадните води, во земјоделскиот отпад и во отпадот од прехранбената индустрија и индустријата за пијалаци, може да придонесе значително за намалување на емисиите на стакленички гасови. Таквиот пристап значи дека секој дел на отпадот се гледа, не само како извор на загадување, туку и како потенцијален ресурс кој може да се искористи, што би резултирало во раздвојувањето на економскиот раст и количествата на создаден отпад.
Градот Тетово во последните неколку години претставува еден од најзагадените градови во светот. Самото несоодветно складирање на комуналниот смет предизвикува низа проблеми, како што е и загадувањето на воздухот, почвата и водата. Во моментов не постои голема иницијатива на локално ниво за организирана селекција и рециклирање на употребливите фракции во комуналниот отпад. Во последната деценија, животната средина и нејзината заштита се најголем проблем со кој се соочува градот.
Проблем претставува собирање на сметот од градот, па така со години градските контејнери се преполни, се јавуваат голем број диви депонии, сметот од овие депонии се пали, што дава реперкусии врз чистината на градскиот воздух и животната средина. Дел од овој смет се исфрла и во речните корита на реката Пена и во останатите помали речни текови по околните рурални средини.
Сегашната состојба со управувањето со отпадот во Тетово, може да се окарактеризира како субстандардна, недоволна и неефективна. Со поттикнување на процесите за повторно користење, рециклирање и обнова на материјали/енергија од фракциите на отпадот, се подобрува искористеноста на ресурсите, а за депонирање се оставаат само неупотребливите фракции.
Ваквата состојба во која се наоѓа градот Тетово, претставува мотив за проблемското подрачје на ова истражување – магистерски труд на кандидатот Марија Стојановска, под менторство на доцент д-р Александар Радевски од Архитектонскиот факултет во Скопје, со работен наслов: Погон за рециклирање комунален градски отпад.
Индустриските објекти и капацитети по својата програма и архитектонска типологија и форма, најчесто се објекти кои функционираат сами за себе. Предизвик во ова тематско истражување се новите модели на индустриски капацитети кои со својата програмска, функционална и архитектонска целина се објекти од отворен карактер, кои во себе ги вклучуваат крајните потрошувачи во процесот на производството.
Хибридизацијата на истите ги комбинира различните програми, форми и технологии во една хибридно – комплексна структурална целина која овозможува нови просторни организации. Тенденциите што имаат за цел крајните корисници да ги доближат повеќе кон производствениот процес, се сè поприсутни и стануваат секојдневие во обликувањето на овој тип објекти.
Индустриската зона во Тетово, којашто е во рамките на генералниот урбанистички план на општина Тетово, речиси целосно е изградена. Од пред неколку години почна да се гради нова технолошки индустриска развојна зона на само 3-4 километри од излезот на град Тетово кон автопатот Тетово – Скопје. Ваквото проширување на градот со индустриска зона, се искористува при изборот на локација.
Во ваквата градска збиена структура, проширувањето на градот го диктира поставувањето на локацијата каде се сместува овој индустриски објект. Локацијата е така одбрана, со цел да се овозможат оптимални услови за брзо приклучување кон постојната инфраструктура, а со тоа и брза изградба и оперативност на самата зона.
Комплексот претставува збир на повеќе функции кои директно или индиректно земаат учество во процесот на комуналниот градски отпад. Основниот концепт во развојот на проектот е формирање на објекти со свои засебни волумени кои се поделени според принципот на функционалноста. Доминираат три волумени: волуменот на административната зграда, волуменот на погонот за рециклирање и засебен волумен за помошни простории. Сите заедно се развиваат во целина која овозможува непречено одвивање на предвидениот процес. Внимание се посветува на поставеноста на објектот во својата парцела, земајќи го предвид контекстот во кој се наоѓа.
За фасадното обликување се употребуваат бетонски фасадни панели, кои се перфорирани, чии перфорации на места се озеленети, а на места претставуаат само отвори за користење на природна светлина. Неатрактивниот процес на истоварање отпад е визуелно затворен со перфориран ѕид, кој на страните добива отвори во форма на ветерници, со што би се одбегнало создавањето на вакуум и би се овозможило проветрување.
Административната зграда, освен канцеларии кои ги задоволуваат потребите на комплексот, поседува и други програмски простори, како едукативен центар каде се врши едукација и приближување на рециклирањето кон населението. Овие простории, освен класични предавални и работилници, содржат мал амфитеатар кој е поставен на терасата на административната зграда, што формира атрактивен простор кој е лесно забележлив, со што се остава шанса случајни минувачи да бидат привлечени и едуцирани во битниот процес на рециклирањето. Вака обликуваниот комплекс претставува еднo ново обележје на градот.