Насловна / Вести / Можеме ли да создадеме екопаметни општини?

Можеме ли да создадеме екопаметни општини?

Постојаното исцрпување на енергетските ресурси од фосилно потекло, растечката закана од климатските промени, ценовните шокови на енергетските пазари и секако борбата за што повисок квалитет на живот, наспроти немилосрдната урбанизација, сè повеќе го ставаат во фокусот концептот на „екопаметна општина“ (eco smart municipality). Одделно и концептот „еко“ и концептот „паметна“ општина делат аспирации за намалување на оптоварувањата врз животната средина и подобрување на добросостојбата на граѓаните.

Лого на проектот

Додека од една страна екоградовите го потенцираат одговорниот однос кон животната средина посебно поттикнат кај граѓаните и кај локалните власти, паметните градови гравитираат кон користењето на технологијата. Двата концепта споени во кованицата екопаметна општина, овозможуваат стигнување до целта преку т.н. „двојна“ еколошка и технолошка транзиција на локално ниво. Тешко e да се дефинира прецизно концептот на екопаметен град и тесно е поврзан со контекстот, но затоа веројатно е поедноставно да се истакне кога еден град не е екопаметен (eco smart). Имено, еден град односно општина не се смета за eco smart доколу: генерира високо ниво на емисии на стакленички гасови; не ги користи доволно и ефикасно сопствените ресурси; локалната економија е доминантно линеарна; има „вишок“ буквално во сите сегменти – вишок возила, вишок потрошувачка на енергија… и неопходна е оптимизација и рационализација; управувањето со отпадот е неефикасно, отпадот не се третира како ресурс; различните јавни сервиси се статички, нефлексибилни и не се во состојба да функционираат и комуницираат како еден систем; jавниот превоз изостанува или доколку го има е недоволно развиен, неквалитетен, ја загадува животната средина и е небезбеден; засегнатите страни не се вклучени во сите нивоа на донесување одлуки и планирање на развојот на градот односно општината; итн.

332168325_629281002293826_1330471092713191672_n

Судејќи по претходното образложение сосема е јасно дека за разлика од развиениот свет, кај нас споменатите проблеми се речиси сеприсутни (се разбира ситуацијата е различна од општина до општина), но јасно е дека генерално има голем потенцијал за работа односно значајни подобрувања во оваа сфера. Од друга страна пак, исполнувањето на амбициозните национални стратешки документи во областа на енергетиката, сообраќајот, дигитализацијата, климата и заштитата на животната средина, не е можно без развиени капацитети на општините за реализација на бараните промени на локално ниво. За таа цел, Центарот за климатски промени (ЦКП) во август 2022 година, под покровителство на Амбасадата на САД во Скопје, стартуваше со проектот „Патоказ за Вашата екопаметна општина“.

332317761_584696003531529_762827775913529697_n

Проектот трае една година, односно веќе е во завршна фаза, а се имплементира во две општини во земјава – Аеродром и Струмица, кои се избрани врз основа на отворен повик со претходно дефинирани критериуми. „Со цел да ги избереме општините кои навистина се посветени на заштитата на животната средина и вложуваат во зелена инфраструктура, е-мобилност, енергетска ефикасност и сл., дефиниравме сет од критериуми врз основа на кои се изврши селекцијата од вкупно 18 пријавени на повикот. Нè радува високиот број пријавени, со оглед дека самата апликација бараше доста податоци. Тоа значи дека нашите општини се активни во пронаоѓањето донатори за реализација на ваков тип проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живот на нивните жители“, вели Теодора Каракамчева, од ЦКП, координатор на проектот.

332273254_1434188853783174_8944069888587152302_n

„Низ реализацијата на проектот, освен што изработивме „Патокази за екопаметна општина“ за овие две општини, изработивме и еден општ водич за екопаметна општина применлив за која било општина во земјава. Патоказите ги лоцираат локалните предности и недостатоците на општината и предлагаат сет мерки и насоки (краткорочни, среднорочни и долгорочни) за да се изведе екопаметната трансформација. За постигнување на екотрансформацијата дадени се предлог-мерки и насоки, во кои се таргетирани сите сектори – обезбедување на енергија, со фокус на енергетската независност со примена на обновливи извори и подобрување на енергетската ефикасност, одржливост во сообраќајот, зголемување на уделот на зелената инфраструктура, развој на дигитални вештини, зелени јавни набавки, управување со отпад, воведување на циркуларност во локалната економија и сл. Како додадена вредност на патоказите се изработените локални инвентари на стакленички гасови за општините. Покрај изработката на патоказите реализирани се и бројни активности за едукација и подигање на свеста за важноста на концептот „екопаметна општина“, истакнува Филип Стојановски од ЦКП, кој е проектен менаџер за овој проект.

332314158_169279908767997_699955914265768336_n

340959645_1626330107795533_542138427766288158_n

За м-р Софија Зафировска, советник за оцена на влијанието на индустрискиот развој на животната средина, претставува огромна чест и задоволство што токму Општина Аеродром е една од двете општини во кои се имплементира проектот. Таа истакнува дека: „Општина Аеродром е пример за одржливост во нашата држава и пионер во делот на политиките поврзани со животната средина, реализира проекти насочени кон подобрување и унапредување на животната средина и условите за живот, а со тоа покажува одговорност кон заедницата. Само за илустрација, Аеродром е единствената општина која го исполнува и го надминува пропишаниот удел на зелена инфраструктура од 25 m2/жител, (урбанистичко планирање останато од минато време кога се внимавало на стандарди, прим. авт.), а речиси сите училиштата во Општината имаат фотонапонски централи на покривите (само едно училиште нема фотонапонска централа, додека онаму каде во близина на училиштето се наоѓа и градинка системот е интегриран во една целина). Секако, мерките и препораките кои ќе произлезат од учеството во проектот „екопаметна општина“, ќе ни помогнат во креирање на уште поквалитетни политики за одржлив развој на нашата општина. Како „најзелена“ општина во Македонија, ја користиме секоја можност да иницираме промени, активно се вклучуваме во повеќе акции и проекти, повикуваме на единство во остварување на заедничките интереси заедно со сите граѓани во општината“, заклучува Зафировска.

332273078_1475731349628255_2515233437038428761_n

„Од аспект на досега реализираното Општина Струмица е една од ретките во државава која посветено работи на пониски емиисии од греењето, со оглед дека има дистрибутивна мрежа за природен гас на која се приклучени голем број домаќнства кои користат природен гас за греење, а исто така сме една од ретките општини која има своја станица за прочистување на урбани отпадни води. Секако, постојано работиме на пронаоѓање можности за реализација на нови проекти и за подобрување на нашите капацитети како општинска администрација во обезбедување на „позелена“ и енергетски поефикасна општина. Аплициравме на јавниот повик за проектот екопаметни општини со цел сите наши активности со кои се стремиме и сакаме да фатиме чекор кон развиените градови да се соберат во еден пишан документ таканаречен „Патоказ за екоопштина“. Во рамките на овој проект и првите активности кои произлегоа од него беше донацијата на 100 канти за селекција на отпад од пластика на кои ние како општина дополнително набавивме 1 100 канти и покривме 35 посто од индивидуалните станбени објекти во градското подрачје со што и официјално започна селекцијата на отпад во Општина Струмица. Идентификувани се и предлог-мерки за локално производство на енергија од обновливи извори во пречистителната станица за отпадни води која е голем потрошувач на енергија, како и многу други во делот на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина“, вели Томислав Андреев, раководител на Одделението за заштита на животната средина во Општина Струмица.

350934735_987849355722848_2063220741489681834_n

Активностите на ЦКП во поттикнувањето на овој концепт не застануваат со завршувањето на овој проект. Напротив, тие велат дека работат на пронаоѓање нa нови донатори и партнери со цел зајакнување на капацитетите и на други општини во оваа област. Сепак, мора да се нотира дека кај нас отсуствува и имплементација на веќе усвоени законски решенија кои придонесуваат за трансформација во екопаметна општина. На пример, иако веќе три години имаме Закон за енергетска ефикасност, според кој секоја општина има обврска да изработи и усвои Програма за енергетска ефикасност на секои три години, во пракса постојат општини кои немаат ваква програма, а од оние општини кои ја исполнуваат формално ваквата обврска, повеќе од половината документи се со слаб квалитет и не добиваат позитивно мислење од Агенцијата за енергетика.

345634805_1199147920722978_6764433420712793672_n

Исто така, креирањето на стратешките локални документи мора да се реализира секогаш почитувајќи ги принципите на инклузивност на сите засегнати страни и интегрирајќи ги сите аспекти кои ќе овозможат одржлив развој. И на крајот, но не и најмалку важна е политичката волја и ориентираноста кон резултати на долг рок. Со други зборови, мора да се гледа многу подалеку од временскиот рок ограничен на еден изборен циклус.

332181238_901902564377945_4487192452845363146_n 347609425_563430922527857_3040397638149353400_n 351146636_6160462457394314_1949415454183478991_n

Испрати коментар

Scroll To Top