Данското архитектонско биро CEBRA е победник на конкурсот за проект на идната највисока зграда во Албанија, која ќе го краси центарот на Тирана.
Конкурсните предлози беа разгледани од меѓународно жири составено од албанскиот премиер, градоначалникот на Тирана, четворица меѓународно признати архитекти и нарачателите на проектот Nova Construction 2012.
Избраното решение, кое ќе стане ново урбано обележје на главниот град, кој претрпе трансформација во последните децении, ќе биде во форма на мултифункционална кула висока 185 метри.
АЛБАНСКИТЕ ПЛАНИНИ КАКО ИЗВОР НА ИНСПИРАЦИЈА
Проектот Mount Tirana е инспириран од планинскиот венец Скендербег кој го опкружува главниот град на Албанија, на објектот можат да се видат елементи кои асоцираат на нерамни планински карпи, како и обемна вегетација.
„Планините се една од најимпресивните карактеристики на природата. Вечни, волшебни и убави, тие се оригинални ориентири. Користејќи ги планините во Албанија како наш главен извор на инспирација, упатуваме на локалната историја, културното наследство и идентитетот на Албанија“, изјави за DesignBoom Микел Фрост, основач и архитект од CEBRA.
Заедно со овој нов објект, мноштво мултифункционални програми ќе бидат воведени во градот, што вклучува домување, малопродажба, бутик хотели, деловни простории, канцеларии, ресторани, кафулиња, но и паркинг простори.
Близината на објектот до Градската опера и Националниот историски музеј бара посебно внимание во организацијата на јавните простори на зградата во однос на улицата.
ЕЛЕГАНТНА ВРСКА СО ПРИРОДНАТА СРЕДИНА
Тимот напоменува дека кафулињата, продавниците и јавните простори ќе „создадат живописно и активно искуство во приземјето, што формира урбан дневен боравок, заедно со постоечкиот парк што ја опкружува оваа локација “.
„Овој симболичен ориентир ќе создаде елегантна врска помеѓу постојано трансформираното урбано ткиво на Тирана и природната средина“, додава Фрост.
Данскиот тим има за цел да го минимизира јаглеродниот отисок на зградата и напоменува дека објектот ќе биде изградена исклучиво од локални материјали, како што е природен камен.
Дополнително, се прават напори објектот да има што помала потреба од механичко ладење, како и да се изберат автохтони растенија кои ќе се имплементираат на големите тераси и кои ќе го поддржат биодиверзитетот на областа.