Саранск е главен град на автономната Република Мордовија и најмалиот град домаќин на Светското фудбалско првенство, Русија 2018. Се наоѓа во басенот на реката Волга, на устието на реките Саранка и Инсар. Во градот со околу 300 илјади жители во јуни ќе се одиграат четири натпревари од групната фаза на Мундијалот.
Работата на стадионот „Мордовија Арена“ започна во 2010 година на 1000-годишнината од обединувањето на Мордовијците со другите етнички групи на Русија. Арената која чини 230 милиони евра се наоѓа во центарот на градот, сместена на десниот брег на реката Инсар. Саранск не е голем град, нема метро, „Мордовија Арена“ е блиску до пешачката зона во центарот, сместена помеѓу улиците „Волгоград“ и „Севастопол“ на пет километри од аеродромот и 2,5 километри од железничката станица. Во меѓувреме за потребите на првенството во градот се вложени околу 700 милиони евра за обнова на инфраструктурата, автопатот, железничката станица, нов терминал на аеродромот за проток на 1.000 патници на час и направени се нови надвозници над реката Инсар.
Првиот дизајн на стадионот е идејното решение од германскиот архитект Тим Хуп, меѓутоа подоцна проектот е преработен од руското проектантско биро „Граждан Проект“ со што е создаден објект кој ги исполнува сите стандарди и нормативи на ФИФА. Стадионот е со капацитетет од 44.442, но само за време на Мундијалот. По завршување на првенството со отстранување на горниот дел од трибините ќе се намали капацитетот до 25.000. Ова ќе ја направи арената одржлива и поефикасна во иднина. Просторот помеѓу покривот и останатиот дел од стадионот ќе се користи за шеталиште со продавници и простори за одмор, а стадионот ќе биде дом на ФК Мордовија.
Стадион е со овална форма, поставен е на платформа преку двокатен подрум со што делува лесно, некого го потсеќа на портокал обесен во воздух, а некому личи на воздушен балон кој се спуштил да одмора покрај реката Инсар. Но, неговиот изглед е директно инспириран од сончевата црвена топка, симболот на Мордовија, која е насликана на нивното знаме. Неговата светла палета на бои, комбинирајќи портокалова, црвена и бела боја, директно е поврзана со традиционалните бои на мордовскиот народ, а ги одликува и карактеристичните бои на уметноста и занаетите на Мордовија.
Проектантите покрај инспирацијата од традицијата, согледале и дека оваа форма е најдобра за удобноста на гледачите. Арената е покриеана со челична решетка со блага кривина засводена кон внатрешноста на стадионот, а воедно е овозможено на теренот да паѓа максимална светлина. За да се обезбеди добра видливост, оптималното растојание од центарот на фудбалскиот терен до гледачите не надминува 90 метри, максималното растојание од кој било агол од полето до спротивната трибина е 190 метри. Перфорирани панели во три различни бои ја обложуваат фасадата до иста висина околу целиот периметар, додека покривот и ѕидовите се направени од една обвивка од перфорирани метални панели со светли бои. Тревата за теренот е увезена од Канада, поставени се грејачи под теренот во должина од 37 километри, како и надземни грејачи.
Работите се комплетирани во април 2018 година и Светското фудбалско првенство може веднаш да почне во мирниот и пријатен Саранск кој во 1785 година со одобрување на урбанистичкиот план од страна на Катарина Велика од место со хаотично распределени населби станал град со правоаголна мрежа на улици со квартови и плоштади. Навивачите ќе се најдат во пријатна атмосфера на градот чиј заштитник и небески покровител е Адмирал Фјодор Ушаков (1744–1817), командант на Црноморската руска флота и воената морнарица во Средоземно Море.
Фудбалските фанови ќе бидат пречекани со воодушевување од локалните жители кои едвај чекаат да почне првенството и се една од главните атракции на градот, бидејќи ги негуваат традициите и начинот на живот на автохтоните народи на Мордовија, Мокшани и Ерзјани. Веднаш до градот се наоѓаат неколку села чии жители ги чуваат обичаите на предците, носат народни носии, ги почитуваат народните обреди од кои некои се и пагански.
„МОРДОВИЈА АРЕНА“ низ БРОЈКИ
- Капацитет – 44.442 гледачи
- Цена – 230 милиони евра
- Грејачи за трева – должина 37 км
- Вложено во градот – 700 милиони евра